Search

Северна Македонија, столб на безбедноста и стабилноста во регионот – свечено испратен првиот контингент во мисијата КФОР на Косово

„Пред нас можеме да ја видиме нашата НАТО Армија, пред нас се 44 мина, посветени мотивирани и храбри припадници на Армијата на Република Северна Македонија кои рамо до рамо, еднакви помеѓу еднаквите ќе го покажат сето она што го знаат и сите оние вештини и знаења пред своите колеги од сојузничките земји во мисијата КФОР”, рече министерката за одбрана Радмила Шекеринска на денешната свеченост по повод испраќањето на првата ротација од нашата Армија во рамките на мисијата на НАТО на Косово. Ова е прво наше учество во нова мисија на НАТО по полноправното членство во Алијансата.

На свеченоста на која зедоа учество и претседателот Стево Пендаровски и премиерот Зоран Заев, министерката Шекеринска порача дека Северна Македонија го зазема местото во НАТО како земја која значи мир, безбедност и стабилност на Балканот, додавајќи дека  наша обврска е да вложиме во стабилност во нашиот регион, да дадеме придонес за регионалната стабилност, да помогнеме Балканот да биде подобро помирно, по просперитетно место за живеење.

„Покажавме кои се нашите квалитети на многу далечни места. Од сега ќе го покажеме нашето вистинско место и во регионот. Членството во НАТО значи безбедност и стабилност за нас, значи сигурност под колективниот чадор на Алијансата, но ние тоа членство го чувствуваме како голема одговорност”, рече Шекеринска.

Ние покажавме дека ги споделуваме истите вредности како и Алијансата уште од 2007 година кога започнавме со логистичка поддршка на оваа НАТО мисија, рече министерката и дополни дека сега на оваа поддршка додаваме нова вредност – нашите припадници, искусни, мотивирани, опремени и подготвени да дадат суштински придонес кон силите на КФОР.

Претседателот Пендаровски, премиерот Заев и министерката Шекеринска им се заблагодарија на припадниците на Армијата за сето она што го покажаа досега во учеството во мировни мисии и претставувањето на нашата татковина во вистинско светло како доверлив и посветен партнер, а сега и сојузник и им порачаа да бидат безбедни, да дадат сè од сега и живи и здрави да се вратат дома по шест месеци.

Првиот контингент се состои од  44 припадници кои ќе работат како штабни офицери во главната команда во Приштина и ќе ја обезбедуваат регионалната команда на КФОР Запад. Нашиот придонес ќе продолжи да расте во тек на 2021 година – веќе во следната ротација, планот е бројот на припадници во КФОР да се зголеми на над 60 припадници, а од идното лето заедно со нашиот долгогодишен партнер Националната гарда на Вермонт од САД, надвор од воспоставените ротации придонесот во период од 9 месеци да се зголеми со над 100тина припадници на Армијата. Вкупно од идното лето во мисијата КФОР ќе придонесуваат околу 180 наши војници, подофицери, и офицери.

Треба да знаете
Последни објави