Search

Северен тек се заканува со тужба за Европската Комисија

– Извршниот директор на компанијата Северен тек 2 се закани со тужба до Европската Комисија доколку не биде изземена од новите европски закони.

Информацијата ја обелодени весникот Политико Европа, кој дојде до писмото на директорот на Северен тек 2, Матиас Варниг испратено до претседателот на Европската Комисија, Жан-Клод Јункер пред две недели.

Компанијата смета дека со новата директива за либерализација на пазарот на гас, изгласана на почетокот на оваа година во ЕУ, таа ќе изгуби милијарди евра инвестирани во проектот и ја оцени директивата како дискриминаторска. Директивата „Гас”, како што се нарекува, би се применувала само на делот на Северен тек кој се наоѓа во Германија, односно околу педесетина километри од вкупно илјада и двесте.

Северен тек 2 смета дека има право на изземање од новите правила бидејќи тие предвидуваат таква мерка за оние гасоводи кои ќе бидат веќе завршени кога директивата ќе стапи во сила ова лето. Според Европската Комисија тоа значи дека гасоводот треба да е комерцијално оперативен до тогаш, и се сомнева дека тоа ќе биде случај.

Според Политико Европа, компанијата признава дека нема да биде оперативна до летото, но дека сепак има право на изземање, во спротивно, таа смета дека ќе биде жртва на дискриминаторски и арбитрарен пристап.

Директорот во писмото му остава на Јункер до 13 мај да одговори на ова барање, во спротивно ќе бара правна разврска за случајот.

Треба да знаете
Последни објави