Search

СДСМ: Со трамвајската линија во Скопје и инвестирање во гасификација се решава проблемот со загадувањето

ВМРО-ДПМНЕ со своите погубни и криминални политики го загрози зеленилото и животната средина и свесно го игнорираше проблемот со аерозагадувањето, велат од владејачката СДСМ.

Од таму додаваат дека дополнително преку укинувањето на евтината тарифа на струјата и поскапувањето за 100 отсто на електричната енергија, ВМРО-ДПМНЕ принудиле илјадници домаќинства да преминат на нееколошки начини на загревање, а одговорност за таквите, како што велат, погубни политики во енергетиката му препишуваат и на Христијан Мицкоски кој бил советник за енергетика на Никола Груевски и директор на АД ЕЛЕМ.

Од владејачката партија потенцираат дека градот Скопје и надлежните институции сега вложуваат максимални напори во решавање на проблемот со загадувањето.

„Град Скопје најави капитален проект што ќе го унапреди јавниот превоз и ќе го намали загадувањето од издувните гасови. Подготвена е целосна сообраќајна студија со техничко решение за изградба на првата фаза од трасата за трамвај на релација Ново Лисиче – Ѓорче Петров. Реализацијата би започнала веќе следната година, а проектот вреден помеѓу 130 и 150 милиони евра ќе го унапреди јавниот превоз во главниот град и ќе влијае на намалување на аерозагадувањето“, стои во партиското соопштение.

Од СДСМ нагласуваат дека интензивно се вложува и во гасификацијата, проект кој, како што велат, е од стратешки интерес на Владата предводена од СДСМ.

„Изработени или во изработка се основни и идејни проекти за поставување секундарна гасоводна мрежа во неколку градови како Тетово, Охрид, Свети Николе, Прилеп, Кавадарци, а во завршна фаза е 36 километарската делница на гасоводот Неготино-Штип. Се работи и на поврзување на магистралниот гасовод од Неготино преку Кавадарци и Прилеп до Битола, во должина од 92 километри“, се наведува во соопштението во кое се додава и дека за идната година за гасификација обезбедени се 1,1 милијарда денари повеќе отколку за 2018 година.

Треба да знаете
Последни објави