Search

СДСМ: Лага е дека на опозицијата не ѝ било дозволено да положи цвеќе на гробот на Карев

Втор ден, ВМРО-ДПМНЕ изнесува лаги во неуспешен обид да го оцрни големиот државен празник 2 Август – Денот на Републиката, реагира Социјалдемократскиот сојуз откако ВМРО-ДПМНЕ обвини дека не им било дозволено да се поклонат пред гробот на Никола Карев.

„И денеска од белиот дворец се шират лаги за наводни срамни скандирања, и денеска од белиот дворец лажат за наводни забрани за положување цвеќиња. ВМРО-ДПМНЕ не се појави на Македониумот во Крушево и не се поклони на гробот на Карев со единствена цел, да предизвикува нови поделби. Присутните на Мечкин камен вчера можеа да видат како делегацијата на ВМРО-ДПМНЕ стана од среде настап од Тешкото на Танец за да држи прес-конференција на која изнесе лаги и дезинформации. Тоа е непочит кон македонската традиција“, наведе СДСМ во реакцијата.

Според СДСМ, вчерашното одбележување на Илинден во Скопје, Крушево и Пелинце е пример за државничко чествување на најголемите државни празници, кога сите граѓани без разлика на етничката, верската или политичката припадност треба да се сплотат околу вредностите на Илинден.

Владејачката партија додава дека Илинден постои да обединува, а не за да дели како што тоа го прави ВМРО-ДПМНЕ дури и на најголемиот државен празник.

Вчера од Владата преку соопштение искоментираа дека ВМРО-ДПМНЕ биле уредно поканети и потврдени, но не се појавиле во Македониумот.

Треба да знаете
Последни објави