Search

Свечена литија со иконата на пресвета Богородица „Брзопослушничка” во Струмица

Во спомен на пристигнувањето на иконата на пресвета Богородица „Брзопослушничка” и оваа година ќе биде одржана свечена литија во Струмица, информираат од Струмичката епархија на МПЦ-ОА.

В сабота во манастирот „Светите петнаесет тивериополски свештеномаченици” ќе биде отслужена воскресна вечерна богослужба, а потоа со свечена литија иконата на Мајката Божја Брзопослушничка ќе биде однесена во црквата „Свети Григориј Палама и Свети великомаченик Димитриј”, каде ќе се отслужи Молебен канон, а иконата ќе биде оставена за поклонение на верниците.

В недела, на одбележувањето на двегодишнината од донесувањето на оваа икона во Струмица, во црквата „Свети Григориј Палама и Свети великомаченик Димитриј”, ќе започне утринска служба, а по пречекот на архиереите ќе започне Божествената Литургија.

Во 11 часот ќе започне свечената литија со иконата, по булеварот „Маршал Тито” до градскиот плоштад „Гоце Делчев”. На плоштадот е предвидено молитвословие (доксологија), проследено со кратки поздравни слова, по што литијата ќе продолжи по старата чаршија до манастирот „Светите петнаесет тивериополски свештеномаченици”, каде што ќе биде подготвена трпеза на љубовта за сите присутни.

Пред две години, во втората недела од Великиот пост, посветена на свети Григориј Палама, заштитникот на Струмичката епархија, иконата беше донесена во манастирот „Светите петнаесет тивериополски свештеномаченици”, Струмица, како подарок од братството на светогорскиот манастир Дохијар.

Треба да знаете
Последни објави