Search

Светските лидери на меѓународна конференција за Либија во Берлин

Во Берлин денеска се собираат клучните фактори во долгогодишната граѓанска војна во Либија, во обид да се ограничи странското воено мешање, да се консолидира примирјето и да се помогне во повторното започнување на политичкиот процес за иднината на оваа северноафриканска држава, објави АП.

Канцеларката Ангела Меркел ги покани лидерите на 12 земји, како и Обединетите нации, Европската унија, Африканската унија и Арапската лига, на самит во германската престолнина.

Повеќемесечните дипломатски напори на Германија да ги засили активностите за запирање на борбите во Либија се дел од иницијативата на генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш и неговиот пратеник во Либија, Гасан Саламе, пренесе агенцијата АП.

Меѓу оние кои се очекуваат во Берлин се и претседателите на Русија, Турција и Франција – Владимир Путин, Реџеп Таип Ердоган и Емануел Макрон, италијанскиот и британскиот премиер Џузепе Конте и Борис Џонсон, како и државниот секретар на САД, Мајк Помпео.

Поканети се и претставници на Обединетите Арапски Емирати, Египет, Алжир, Кина и Република Конго.

Исто така, германското Министерство за надворешни работи потврди дека на самитот ќе присуствува премиерот на меѓународно признатата либиска влада на националното единство, Фајез ал-Сараж и неговиот главен противник, командантoт на Народната армија, Калифа Хафтар.

Сепак, како што наведуваат светските агенции, не е јасно колку е веројатно да се оствари вистински напредок во земјата која по соборувањето и ликвидацијата на Моамер Гадафи во 2011 година, западна во хаос и конфликти.

Либија е поделена од ривалските администрации, секоја со поддршка од различни држави.

Силите на Хафтар, кои од април се во опсада на Трполи се поддржани од Египет, Русија и Обединетите Арапски Емирати, додека владата со седиште во главниот град се сврте кон Турција.

Треба да знаете
Последни објави