Search

Светската виолинистка Ванеса Меј ќе го отвори 59. „Охридско лето“

Mега популарната виолинистка, светски славната Британка Ванеса Меј, на 12 јули на Античкиот театар во Охрид ќе го отвори 59. издание на фестивалот „Охридско лето“.

Уметницата која го носи епитетот светско чудо ќе приреди спектакуларен почеток настапувајќи заедно со оркестарот на Македонската филхармонија и вокалните солисти од Македонската опера и балет и под диригентската палка на маестро Иван Кожухаров.

Како што најави директорката на НУ Охридско лето, Наташа Поповиќ, на речиси два месеци пред отворањето на фестивалот, со посветена и професионална работа се завршени подготовките во делот на програмата за 59-тото издание.

„Со гордост можам да најавам дека не’ очекува уште едно успешно Охридско лето, богата и квалитетна уметничка понуда со врвни уметници. Низ 40-те фестивалски денови, љубителите на уметноста ќе имаат прилика да уживаат на фестивалската сцена каде ќе се слави врвната уметност. Покрај светските уметници почит и белег ќе дадеме и кон нашите македонски уметници, истакнати поединци и творци од областа на уметноста. Тука се и традиционалните вечери кои ги правиме во соработка со Амбасадите. На сцената на Античкиот театар, во предворјето на црквата Св. Софија, во црквата Св. Софија, на Долни Сарај и во Центарот за култура ќе се одржат преку 40 културни настани“, најави Поповиќ.

Таа додаде дека посебно е задоволството што годинава оваа Национална установа организира концерти преку целата година, што според неа, претставува новина и нуди побогата и поквалитетна програма на фестивалот кој ги следи светските трендови, а истовремено ја продолжува и традицијата веќе 59 години.

Најавувајќи ги музичките настани на годинешното фестивалско издание, селекторот на музичката програма на фестивалот „Охридско лето“ Васо Ристов, рече дека и годинава е предвидена квалитетна и атрактивна програма во текот на 40-те фестивалски денови.

„На претстојното издание на „Охридско лето“ ќе имаме учесници –уметници од Италија, Австрија, Русија, Бугарија, Германија, Чешка, Словенија, Албанија, Норвешка, Хрватска, Франција, Србија, Косово, Финска и други земји. Би ги издвоил еден од најпознатите виолончелисти на светската сцена, Русинот Денис Шаповалов, неповторливата сопранистка Инва Мула од Албанија која ќе настапи заедно со македонскиот тенор Ѓорѓи Цуцковски и сопранот Дешира Крлиу, тука е пијано-дуото Гелебешеви, познатиот српски виолинист Стефан Миленковиќ, ансамблот Дорицо од Италија, гудачкиот квартет Асасело од Германија, како и Камерниот оркестар од Државната филхармонија од Бријанск , Русија. Посебно уметничко доживување за публиката ќе приредат извонредните словенечки уметници, виолончелистот Клемен Хвала и кларинетистот Дарко Брлек. Годинава во обемната програма со врвни уметници на „Охридско лето“ ја има и албанската флејтистка Јонела Големи. Публиката ќе ужива и во звуците на пијаното што ќе ги приреди светски познатата уметница Виолета Егорова од Русија, а концерт на фестивалот ќе одржи и нејзиниот колега и сонародник, пијанистот Александер Гаџиев“, најави Ристов.

Музичката младина на Македонија и годинава, традиионално, ќе настапи на „Охридско лето“, а на фестивалската програма е и Македонската опера и балет со гала-оперски концерт под диригентската палка на Бисера Чадловска. Во соработка со амбасадите, ќе бидат организирани и традиционалните вечери на Европската унија, Полска вечер, Украинска вечер….

„Посебен предизвик e изборот на концертот што ќе се одржи на 4-ти август по повод роденденот на фестивалот „Охридско лето“. Оваа година на роденденскиот настан ги имаме уметниците Влатко Стефановски и Мирослав Тадиќ, виртуози на своите инструменти. Затварањето на музичкиот дел на 19-ти август ќе биде во знакот на jубилејот, 85 години од раѓањето на македонскиот композитор, Томислав Зографски, на кој ќе настапат учесници на македонски уметници, докажани и етаблирани во својата професија“, најави селекторот на музичката програма Васо Ристов.

Теaтарскиот дел на „Охридско лето“, како што рече селекторот на драмската програма Александар Поповски, во своето видео-обраќање, годинава ќе биде посветен на човекот којшто е заслужен за генераци и генерации театарски уметници, драмскиот писател и драматург, покојниот Горан Стефановски.

Треба да знаете
Последни објави