Search

Светлечка хавајска лигња одлета „на мисија” во Вселената

Десетици младенчиња од хавајски лигњи одгледани во „морската лабораторија” на Универзитетот „Кевало” на Хаваи се испратени во Вселената – заедно со пакетот намирници за Меѓународната вселенска станица во леталото на „Спејс-Икс”. По „завршувањето на задачата”, лигњите ќе се вратат на Земјата од МВС во јули.

Истражувачот Џејми Фостер, која докторирала на Универзитетот од Хаваи, проучува како вселенскиот лет ќе влијае на лигњите, со надеж дека тоа ќе помогне околу здравјето на луѓето при подолгите вселенски мисии, пишува весникот „Хонолулу стар-рекламер”.

Лигњите имаат симбиотичка врска со бактериите што помагаат во регулирање на биолуминисценцијата – светлината што морските суштества ја испуштаат во темнината на океанот. Кога астронаутите се изложени на мала гравитација, односот на нивното тело со микробите се менува или нарушува, смета професорката од Универзитетот, Маргарет Мекфол Нгај.

– Откривме дека симбиозата на човечкото тело со микробите се менува во микрогравитацијата, а Џејми со лигњите покажа дека тоа е вистина. А, бидејќи организмот на лигњите е едноставен, можно е полесно да се разберете што се случува, објаснува професорката.

Џејми Фостер сега е професорка на Флорида и главна истражувачка на програмата на НАСА, која истражува како микрогравитацијата влијае на односите меѓу животните и микробите.

– Колку повеќе време минуваат астронаутите во Вселената, толку помалку им се регулира имунолошкиот систем и тие повеќе не ги препознаваат бактериите, па понекогаш астронаутите и се разболуваат, објаснува д-р Џејми Фостер.

Сѐ ова може да помогне при решавањето на здравствените проблеми на астронаутите.

– Постојат аспекти на имунолошкиот систем кои едноставно не се правилни за време на долгите летови во вселената. Ако луѓето сакаат да останат подолго на Месечината или на Марс, мора да решиме некои здравствени проблеми за безбедно да ги однесеме до таму, вели д-р Фостер.

Морската лабораторија „Кевало” одгледува лигњи за истражувачки цели ширум светот. Овие ситни животни ги има и во водите околу Хаваи, а долги се околу 7,5 сантиметри.

Треба да знаете
Последни објави