Search

Сведоштво на семејството на 22-годишникот кој почина од корона: Баравме лекари за да се стави вода во апаратот за кислород

Семејството на 22-годишното момче од Битола кое почина како последица на коронавирусот, преку писмо се обрати до министерот за здравство Венко Филипче и медиумите. Во него наведува дека починатиот се жалел од односот на персоналот кој го третирал во Општата болница-Битола, и истиот го опишал како нехуман, пишува „А1он“.

Семејството тврди дека секојдневно, по позитивниот тест на коронавирус, починатиот го носеле на прегледи, каде му била препишувана терапија од докторите. Истото пред десетина дена го потврди и Министерството за здравство. Но, дури третиот ден од прегледите, кога состојбата му била
значително влошена, бил хоспитализиран со висока температура и кашлица. Тогаш е ставен на кислородна поддршка и дадени му се инфузии со додатоци, за кои семејството вели дека не знаат што се третирало со нив. Откако е хоспитализиран, тие барале машината за кислород да биде надополнета со вода, бидејќи како што тврдат, во неа немало. Барале информации за неговата состојба од персоналот, но не добивале.

„Во наредните 24 часа е под постојана температура од над 39°C. Дури наредниот ден вечерта температурата му е стабилизирана, и е третиран со крвна плаза од донор со прележан ковид. Третиот ден е третиран со антибиотик за нас до сега непознат и кортико стероиди. Од преголемата нега за пациентите во болницата во ноќните часови бараме лекари за да се стави вода во апаратот за кислород за да може да ја поминe ноќта. Во собите на пациентите оставени се овие броеви за
помош од медицинските сестри 047/243-350, 047/243-445 кои трите вечери не функционираа додека мојот брат беше таму. А дадениот број од дежурниот лекар 071-213-415 е луда среќа ако некој те удостои да се јави и да ти даде информација за пациентот. Истата вечер ситуацијата нагло се влошува, и сатурацијата до изутрината стигнува до 55. За само два часа изутрината, мојот брат станува неконтактибилен и до него наводно седи медицинска сестра. Речено ни е дека во таква состојба не е можен транспорт за Скопје, што сметаме дека требаше да се изврши во претходните денови. Мојот брат почина за неполни 2 часа, додава Дејан Мицкоски, брат на починатиот.

Министерството за здравство веќе кажа дека починатиот имал коморбидитет, потенцирајќи дека тоа е обезноста односно дебелината. Од семејството велат дека тој се занимавал со бодибилдинг. Ним, не им е јасно ниту кои доктори го прегледувале првите денови откако добива позитивен наод на коронавирус, а не го хоспитализирале веднаш за да добие болнички третман.

„Мојот брат навистина имаше 125кг, 180цм висина и неколку години се занимаваше со бодибилдинг. За гореизвршените прегледи поседувам документи. Не ми е јасно од кои доктори е прегледуван првите три дена кога го носевме секојдневно во Битолската болница, бидејќи не примаа доктори а имаме извештаи со имиња на докторки специјалисти по инфективни болести кои никаде и никогаш не ги видовме. Господине министер Венко Филипче ја ценам вашата стручност, знаење ама со вакво здравство ќе ни требаат уште стотина години за да го достигнеме минимумот на Европското ниво. За горенапишаното располагаме со документација која можеме да ја дадеме на увид за тој што ќе
покажи интерес за случајот. Напоменувам дека за време на хоспитализацијата мојот брат три дена нонстоп беше под маска и контактиравме со пораки во кои ни се жалеше за нехуманиот однос на персоналот. Со почит, од вечно ужалостеното семејство на 22 годишното братче кое ќе живее
во нашите срца, додека ние постоиме“, пишува Дејан Мицкоски, брат на починатиот.

Треба да знаете
Последни објави