Search

Сведок во „Титаник”: Издавани лична карти на луѓе од Мала Преспа без постапка за живеалиште

Сведокот Лилјана Котиќ, која работела како советник во Управата служба за надворешни работи при ПС Ресен, на денешното рочиште за случајот „Титаник”, рече дека во октомври 2012 година, неколку месеци пред локалните избори, почнале да работат, така што го прекршувале Законот за пријава на престојувалиште и Законот за лични карти.

– Во канцеларијата во Ресен почнаа да доаѓаат поголеми групи луѓе од областа Мала Преспа. Од горе телефонски дојде наредба дека ќе дојдат поголема група луѓе со барања за лични карти и сите тие да бидат примени и сликани за лични карти без да се спроведе постапката за живеалиште. Јас реагирав, меѓутоа началничката повторно наредуваше дека оваа работа мора да се заврши на овој начин, инаку ќе не отепаат од горе, рече сведокот Котиќ.

Сите беа, рече сведокот, запознаени дека треба да постапуваат по насоките од началничката Надица Велевска.

– Од раководителот за управни работи Битола, побарав совет како да се справам со оваа работа, но ми рекоа, не знам како ти рекла Надица така, изјави сведокот Котиќ.

До крајот на март пред да заминам во пензија, рече сведокот, примивме и сликавме околу 350 барања, од кои 50 беа изготвени и пристигнати во нашето одделение.

На прашање од обвинетиот Илија Димовски, дали лицата за кои зборува имале државјанство, сведокот рече да, но посочи дека за да имаат лична карта тие треба да имаат адреса на живеење во нашата држава.

На прашање од одбраната дали за овој предмет има давано исказ и во својство на осомничена, сведокот рече да, но дека тоа не е нејзина одлука.

На прашање од обвинетиот Едмонд Темелко, дали имале професионална двонасочна комуникација, каде тој бил во својство на претставник на македонските граѓани од Мала Преспа, сведокот рече да.

Предметот се наоѓа во доказна постапка и го води судијата Осман Шабани, а застапник на обвинението е Лиле Стефанова.

Освен поранешниот премиер Никола Груевски кој е во бегство, во „Титаник” обвинети се и Кирил Божиновски, Миле Јанакиески, Гордана Јанкулоска, Билјана Бришкоска Бошковски, Илија Димовски, Мунир Пепиќ, Едмонд Темелко, Леко Ристоски, Кирил Тодоровски, Катерина Веловска, Станко Коруновски, Коста Марковски, Драгче Драгчески, Марјан Накевски, Гоце Јаневски, Џезми Ахмет, Роберт Давитков, Далибор Алешковиќ и Ленка Рашјаковска.

Тие се осомничени за злосторничко здружување, повреда на избирачкото право, повреда на слободата на определување на избирачите, поткуп при избори и гласање, уништување изборен материјал и злоупотреба на средства за финансирање изборна кампања.

Случајот го отвори СЈО, за потоа да го преземе државното Јавно обвинителатво, а случајот повторно беше распределен на јавната обвинителка Лиле Стефанова.

Треба да знаете
Последни објави