Search

Сасоли: ЕП нема да одобри сериозни буџетски кастрења

 Претседателот на Европскиот парламент ги предупреди владите на земјите членки дека  европратениците нема да ги поддржат договорите што ќе доведат до буџетски кастрења, од кои ќе страдаат програмите на кои сметат граѓаните на Унијата, пишува електронскиот весник New Europe” од Брисел.

-Долгорочниот европски буџет е најважното прашање на почетокот на ова заседание, рече Давид Сасоли во своето излагање за време на сесијата во Стразбур, по дебатата во Европскиот парламент за повеќегодишната финансиска рамка (ПФР) (2021 – 2027 година).

Тој соопшти дека Европскиот парламент поддржува амбициозен план за ПФР за да може доволно добро да се финансираат новите иницијативи, предложени од Европската комисија.

-Овие предлози ќе помогнат во растот и во борбата со нееднаквоста во Европа. Националните влади ги поддржуваат овие цели, но во моментов на ЕУ не му ги даваат потребните методи за да ги постигне, рече Сасоли.

„Сакаме да стигнеме до договор со Советот на ЕУ, но доколку тие  одбијат да отстапат и не ги прифатат позициите на Парламентот, тогаш ќе треба да го отфрлиме долгорочниот европски буџет”, додаде тој.

-Сето ова има реални последици врз животите на сите Европејци. Како може воопшто да помислиме за (буџетни) кастрења во толку успешни програми, како „Еразмус плус”, или мерките за заштита на нашите граници, рече уште претседателот на Европскиот парламент.

„За да се претвориме во првиот климатски неутрален континент треба да наметнеме досега невидени промени во нашите економии и општества. Ние треба да се осигураме работниците и оние кои се најзасегнати од овие  промени да не бидат заборавени. Не можеме да си дозволиме борбата со климатските промени да доведе до уште поголема нееднаквост. Актуелните предлози за „Механизам (Фонд) за праведен преод” се неадекватни и треба да бидат подобрени за Парламентот да ги поддржи” , додаде уште Сасоли.

Тој подвлече дека добро финансираниот европски буџет е во интерес на сите граѓани на Унијата и земјите-членки.

-Сакаме во Буџетот да видиме сопствени ресурси на оддржлива основа, место да сметаме на целосно финансирање на националните влади, рече Сасоли.

Треба да знаете
Последни објави