Search

Саркози мора да се појави пред суд како сведок

Поранешниот француски претседател Никола Саркози ќе треба да сведочи на судењето на поранешните помошници кои се обвинети за злоупотреба, одлучи судијата.

Иако Саркози, кој има претседателски имунитет во овој случај, рече дека нема да се појави како сведок на суд, судијата одлучи дека неговото сведочење е неопходно за да се утврди вистината за анкетите на јавното мислење, кои беа наредени додека тој беше шеф на државата.

Судијата, исто така, смета дека Саркози „веројатно имал влијание врз делата“ за кои беа обвинети неговите поранешни соработници и помошници, пренесува „Гардијан“.

На Саркози му беше наредено да се појави пред судија и да биде сослушан на 2 ноември.

На петмина поранешни соработници и помошници на Саркози помеѓу 2007 и 2012 година, кога тој беше на чело на Франција, им се суди под обвинение за фаворизирање, заговор и злоупотреба на јавни средства за склучување договори со компании за истражување на јавното мислење во вредност од 7,5 милиони евра.

Според францускиот Устав, претседателот има имунитет за дела извршени за време на неговиот мандат, но тоа не го спречува да се појави како сведок на судењето.

Правниот тим на Саркози одби да го коментира овој случај во оваа фаза.

Саркози беше прогласен за виновен кон крајот на септември за нелегално финансирање на неговата кампања за претседателските избори во 2012 година. Во тој случај, тој е обвинет дека потрошил двојно од законски максималната сума од 22,5 милиони евра за време на кампањата.

Саркози беше осуден за корупција претходно оваа година.

Треба да знаете
Последни објави