Search

Санела Шкријељ: Секое дете заслужува да расте во топла атмосфера

 Нема грижа како семејната грижа и секое дете заслужува да расте во топла атмосфера најблиска и налик до семејната, изјави Санела Шкријељ, дополнителен заменик министер во Министерството за труд и социјална политика за време на денешната посета во објектот на поренешниот Дом за доенчиња и мали деца во Битола.

Министерката Шкријељ потврди дека објектот е веќе пренаменет во два функционални дела, односно еден дел од просторот ќе прерасне во современ Центар за поддршка на згрижувачки семејства, а во другиот дел ќе има општинска Детска градинка.

-Интензивно работиме на процесот на деинституционализација и го финализираме процесот на трансформација на Домот за доенчиња и деца без родители во Битола. Нема грижа како семејната грижа и секое дете заслужува да расте во топла атмосфера најблиска и налик до семејната, и токму затоа е потребата од нова современа услуга предвидена со новиот закон за социјална заштита која ќе се обезбеди во Центарот за поддршка на згрижувачки семејства, истакна Шкријељ.

На прес-конференцијата во Битола дополнителната заменик министерка упати апел до семејствата во пелагониските општини да станат згрижувачки.

-Апелирам до сите семејства во пелагонискиот регион да станат згрижувачки, а во овој Центар ќе бидат вработени стручни кадри кои што ќе можат да им помогнат и да одговорат на сите потреби на секое дете без родителска грижа. Деинституционализацијата е процес кој помага во сите сфери на општеството бидејќи, од една страна обезбедуваме топла семејна грижа за секое дете, вклучително и децата без родителска грижа, а самиот развој на вакви услуги на локално ниво значи креирање нови работни места, нагласи Шкријељ.

Во новата детска градинка ќе може да се престојуваат и да бидат згрижени околу 80 деца, а Општина Битола интензивно работи на отворање и на други две детски градинки, најави Емилија Костурски, заменик градоначалник на Битола.

-Во соработка со Министерството за труд и социјална политика во Битола ќе отвориме и други две нови детски градинки, едната ќе биде во просторот на поранешната битолска касарна, а втората ќе биде лоцирана спроти ОУ „Св. Климент Охридски”. Со трите нови детски градинки во Битола ќе се обезбедат услови за сместување на околу 500 деца, истакна Костурски и потсети дека во последниве две години Општина Битола изгради нова детска градинка во населеното место Кравари, отворени се три занимални во исто толку општински детски градинки, а по 45 години заборав, во Битола е извршена замена на кровот на детската градинка „Пролет” и опремени се главните кујни на детските градинки во градот.

Треба да знаете
Последни објави