Search

Самохраните родители во Македонија со недефиниран статус, 80 отсто од нив се мајки

Предизвикот на самохраното родителство, особено на самохраното мајчинство, со оглед на тоа што околу 80 отсто од еднородителските семејства во земјава се преводени од жена, а во контекст на интензивни социјални и политички промени, е навистина голем.

Нерегулиран статус во законите, немање централизирана база на податоци за нивната бројка, неможност за остварување на одредени права, кои се распрскани во повеќе закони, но не се унифицирани пред се поради тоа што нема јасна дефиниција. Тоа остава простор на оние кои ги спроведуваат законите самоволно да толкуваат дали некој е самохран родител или не е. Со оглед на тоа што 80 отсто од самохраните родители се мајки се отвора и прашањето за родовата димензија на ова прашање.

Како општествена појава самохраното мајчинство има морална димензија во дискурсите на културата и секојдневниот живот – вдовиците кои по смртта на својот сопруг не се премажиле и „не по своја вина” станале сами, стојат на врвот на „заслужноста” од општествената поддршка и наклонетост, додека „другите”, „разведените”, „напуштените” или оние што никогаш не стапиле во брак, а имаат деца, се помалку или „најнезаслужни” во давањето на општествената поддршка.

Самохраното мајчинство како субјект, носител на правата на современите социјални системи на заштитата се чини се уште ја одразуваат таа „митска” слика за моралната заслужност на самохраните мајки, градирајќи ја нивната положба според природата на настанокот на самохраноста.

Неодамна беше презентирана првата детална анализа, некогаш изработена во Република Македонија, посветена на состојбата на самохраните родители. Насловена како „Еднакви права и можности за самохрани мајки” во себе ги опфаќа сите предизвици со кои се соочува овој семеен конструкт, кој не е препознаен во нашето законодавство, како и препораки до надлежните институции за подобрување на состојбата.

Акцентот е ставен на самохраните мајки, но секако, како што појаснува претседателката на ГО „Една може”, Дороти Пачкова во разговор за МИА анализата и натамошните промени кои ќе се случуваат во оваа сфера ќе бидат продибивка за сите еднородителски семејства без разлика дали станува збор за татко или мајка со дете/ца.

Дефинирање на самохраноста

Првенствено што треба да се направи во оваа сфера за да може работите да мрднат од мртва точка и да се реши проблемот со системската неуреденост на ова прашање е јасно да се дефинира категоријата еднородителско семејство.

Мајка од Скопје, чиј идентитет не го објавуваме и е познат на редакцијата на МИА, во разговор со нас вели детето го родила вонбрачно по сопствена одлука, таткото го признал детето и таа нема никаков проблем тој да учествува во грижата за детето.

-Таткото по моја драга волја беше присутен во животот на детето, не плаќа никаква алиментација. Јас сега имам проблем при патувањето со детето во странство, бидејќи ми треба негов потпис. Во центарот за социјални грижи не се грижат за интересот на детето, одговорно го тврдам тоа од моето искуство. Сакам моето дете да има татко и затоа се правам и трпам, ама како татко тој треба да е одговорен за своето дете. Сега го нема, како што го немаше и претходно, без да ме извести, а јас од негова страна бев пријавувана дека не ја гледал кога тој ќе посакал. И потоа кога ќе дојде ќе ги има сите права што ги имам и јас, нека ги има, ама што е со тоа дете, тоа не е есенска јакна, па ќе ја соблечам кога ќе се затопли. Не ми треба за едночасовна прошетка во парк. Јас не сум ослободена од плаќање градинка, бидејќи не спаѓам во категорија самохран родител, детето мое е вонбрачно, ама е признаено, вели таа во разговор за МИА.

Раскажува дека моментално се вратиле да живее кај родителите, животот во Македонија е скап, особено за самохраните родители.

-Моментално се вратив кај моите родители, каде што е неподносливо, не затоа што се лоши луѓе, туку затоа што не е здраво една возрасна личност со дете да живее со мама и тато. Аплицирав и за социјален стан, потребни се милион документи, треба да немаш имот во катастар, да не живееш кај родителите или роднини, да си невработен, е па каде да живеам на гранка ли додека да добијам стан и уште на крај ќе ти се насмеат и ние сме нелојални граѓани од понизок ред затоа што мојот живот го давам за моето дете и ќе дојдам во ситуација и ќе кажам фала не ми треба помош. Оваа држава во која сите се потепаа за името не ми помага и не ме заштитува, е приказната на една самохрана мајка, која ја подели со нас.

Не постои единствена дефиниција за тоа што претставува еднородителското семејство, самохран родител, вели претседателката на невладината организација „Една може”, Пачкова во разговорот за МИА.

Во оваа студија, додава таа прифатена е дефиницијата на Европскиот институт за родова еднаквост , која еднородителското семејство го дефинира како семејство со еден родител кој се грижи за развојот и за подигнувањето на своето/ите дете/деца, кој живее без партнер и во заедничко домаќинство со своите деца.

-Ваквата дефиниција е инклузивна и ги опфаќа сите аспекти и типови на еднородителското семејство и еднородителството. Дефиницијата ја избегнува дилемата дали самохраноста треба да се врзе единствено со статусот на „единствен носител на родителското право” и „единствен родител-хранител во семејството” со статусот на родител кој е сам и единствен во секојдневната грижа за своите деца, со кои живее заедно на пример, родителите од разведените бракови и невенчаните мајки и покрај тоа што другиот родител е активен носител на родителското право и обврски, но не живее во заедница со нив. Според ваквата дефиниција, „самохраноста” е социјална ситуација што произлегува од заедничкото живеење со своите деца и самостојната секојдневна грижа за себе и децата во семејна заедница, надвор од друга брачна или партнерска заедница, нагласува Пачкова.

Појаснува дека дефиницијата на Европскиот институт за родова еднаквост претставува нужен услов во опфатот на сите типови родители од еднородителските семејства, без разлика на нивното настанување. А сепак, и покрај тоа што дефиницијата е инклузивна и сеопфатна, со неа не се тврди дека сите социјални проблеми и социјални ризици и ранливост на разните типови еднородителски семејства се исти.

Законот за семејство ќе се менува следната година

Уставот не може да го дефинира еднородителското семејество. Во највисокиот правен акт се гарантира заштита на децата без родители и на децата без родителска грижа, но сметаме дека во Уставот треба да постои и посебна заштита на деца кои доаѓаат од еднородителски семејства за да може потоа тоа да се преслика во сите сите други закони кои доаѓаат под него, вели во разговор за МИА правничката, активистката и претседателка на Легис, Мерсиха Смаиловиќ.

-Самохраноста е повеќекатегорична и дефинитивно треба да се дефинира што претставува еднородителско семејство. Постојат повеќе критериуми и сето тоа треба да се проучи. Потребна е универзална дефиниција, која кај нас ќе се вметне во Законот за семејство. Да се одредат во него индикаторите на самохраноста, какви се видови самохрани родители може да постојат. Неопходна е единствена дефиниција за еднородителско семејство, родител од тоа семејство и дете од такво семејство, вели Смаиловиќ.

Истакна дека во некои закони се споменуваат самохраните родители, како на пример во Законот за работни односи, но сепак поради тоа што терминот не е дефиниран во примарниот закон, на работодавецот останува да цени дали тој родител е самохран и ја заслужува заштитата, што произлегува од законот.

-Кога се извршува Законот за работни односи повторно треба да се повикаме на Законот за семејство, а таму тоа не се дефинира и повторно се вртиме во круг за проблемите со кои се соочуваат, додава таа.

Дефинирање на еднородителското семејство се очекува следната година. Во 2019 ќе се отвори Законот за семејство со цел да се интервенира во него и да се даде јасна дефиниција за тоа што претставува овој семеен конструкт. Сепак, дефиницијата ќе биде дел од еден посложен процес на дефинирање на сите видови други семејства, кои постојат во праксата, а не се препознаени во законските решенија.

Ова го најави министерката за труд и социјална политика Мила Царовска на тркалезната маса на која беше претставена анализата„Еднакви права и можности за самохраните мајки”.

Истакна дека припадниците на овој тип семејство се обесправени, како што рече, некако се во сивата зона, работите се недорегулирани и сето тоа прави проблем во остварување на основите граѓански права и поддршката што треба да ја добијат.

Царовска напомена дека кога говориме за еднородителските семејства, речиси секогаш помошта се поврзува со материјалната, но како што рече не секогаш еднородителско семејство имаат потреба од материјална помош.

– Имаме мајки и татковци кои се материјално обезбедени, а се дел од еднородителско семејство. Одлучиле така да живеат од различни причини, да немаат партнер, да се разведат или едниот партнер починал. Но се материјално обезбедени и немаат потреба од поддршка. Да не им се мешаме. Не значи дека еден човек помалку добро ќе одгледа дете од двајца, рече Царовска.

При дефинирањето на еднородителското семејство, вели министерката, треба точно да прецизираме што тоа значи.

-Дали ако другиот родител постои, е признат и плаќа алиментација станува збор за еднородителско семејство, затоа што тука имаме финансиски средства, но и присуство на другиот родител. Со дискреционото право на системот на социјална заштита треба да се утврди дали тоа присуство е вистинско или не. Ако другиот родител исплаќа само финансиски средства и не е присутен во растот на детето, тогаш веројатно тоа ќе го дефинираме како еднородителско, бидејќи имаме потреба од услуга како поддршка за менаџирање на тоа семејство, вели таа.

Царовска додаде дека на пример ако мајката работи во пекара и заминува на работа во четири часот, „нема да се потпреме на бабите ако сме сериозна држава “.

И во Македонија и во ЕУ, мнозинството еднородителски семејства, предводени од мајка

Според последниот попис во 2002 година и извештајот на Државниот завод за статистика во Македонија , регистрирани се 38.988 домаќинства од еден родител со дете или деца, од кои 31.074 се домаќинства со мајка со деца (79,7 отсто) и 7.914 домаќинства со татко со деца (20,3 отсто).

Разводите се една од најчестите причини за настанување на еднородителско семејство. Според податоците од Државниот завод за статистика , стапката на диворцијалитет во 2015 година изнесувала 1,1 разведени бракови на 1.000 жители, односно бројот на разведени бракови во 2015 година, во споредба со претходната година е зголемен за 2,7 отсто, додека бројот на разводи во 2016 година бележи намалување од 9,8 отсто во споредба со 2015 година и изнесува 1.985 разведени бракови. На територијата на Скопје во 2016 година имало 12.011 семејства со самохран родител со деца, од кои 9.665 се самохрани мајки и 2.346 се семејства на деца со татко.

На ниво на Европа, вели Пачкова, според статистиката на Eуростат , еднородителските семејства се во пораст.

Па, така, Еуростат во 2011 година објавува статистички податоци за сите земји-членки на ЕУ, во врска со процентот на лица во брачна заедница, процентот на лица во вонбрачна заедница и процентот на самохрани семејства .

Во 2011 година во ЕУ 16 проценти од семејствата биле самохрани семејства, а меѓу овие семејства 83,7 проценти од нив самохрани мајки и 16,3 проценти самохрани татковци.

Најголем процент на самохрани семејства е забележан во Летонија (33,4 отсто), во Бугарија (14,7 отсто), Хрватска (17,1 отсто), Словенија (25,2 отсто).

Најмал процент на деца кои живеат со самохрани татковци има во Република Литванија (три отсто од вкупниот број на самохраните родители), додека највисок во Шведска (30 отсто).

Родовата димензија на самохраноста

Родовата дискриминација, отежнатиот пристап на пазарот на трудот, родовото и семејното насилство, предрасудите и стереотипите поврзани со родителството и мајчинството се главните предизвици на самохраното мајчинство.

Семејното насилство се јавува како еден од примарните фактори во динамиката на настанувањето на еднородителските семејства со разводи на браковите.

-Како последица од семејното насилство голем број од жртвите – жени и мајки стануваат самохрани родители. Да се биде самохран родител-жена во едно патријархално општество во кое доминантната улога секогаш му припаѓа на мажо0, кој најчесто е причината за одгледување на детето од страна на еден родител е тешка секојдневна ситуација со која се соочуваат голем број жени. Нотирана е слабата и речиси непостојната институционална помош и поддршка, што доведува до ситуации кога самохраните родители се секундарно виктимизирани, без можност од исполнување на нивните права и обврските од страна на институциите штотреба да ги заштитат тие права, што на крајот на т.н. circulus vitiosus значи префрлање на вината врз самохраните родители за ситуацијата во која се нашле тие, вели Пачкова за МИА.

Таа напоменува дека никој досега во Македонија не ја истражувал родовата димензија на еднородителските семејства, а сите несогласувања се темелат токму на родовата нееднаквост.

-Визијата на нашата организација и на оваа анализа е да се принајдат и изградат патишта за излез од маѓепсаниот круг на социјалната ранливост со која се соочуваме. Ние во нашата средина, во нашата земја да се зајакнат начините за учество на пазарот на трудот, да се овозможат поинакви, проструктурирани, пофлексибилни мерки за вработување и самоиздржување, да се принудат институциите на некој начин да им овозможат на овие жени понормално да функционираат, меѓутоа во исто време и да ги оспособиме овој тип на семејства самостојно да функционираат без неопходност од поддршка од самата држава, додава таа.

Врвот на нормализацијата на дискриминацијата, нагласува Пачкова е феноменот на „социјализација” на идентитетот на самохраните мајки и во индивидуална и во општествена смисла. Ако се разгледуваат идентитетските определба на мајките од „нормалните” семејства и самохраните мајки, би можело да се каже дека идентитетската формација е покомплицирана кај жените-самохрани мајки.

Имено, индивидуалниот идентитет за мајчинство кај мајките од „нормалните” семејства им е признаен и „одобрен” од општеството и на тој начин двата аспекта на индивидуалниот идентитет, личниот и општествениот, се во „единство”. Кај самохраните мајки, општествениот идентитет на „вистинска” мајка е доведен во прашање, стигматизиран и поврзуван со неморалност, бесчесност, неспособност, грешност, хистеричност. Крајниот исход од ваквата нормализација на социјалниот идентитет на самохраните мајки, остварен преку државните правни и социјални системи, креираат „личен идентитет” што самохраните мајки често не го прифаќаат, но најчесто мораат да го „изведуваат” доколку сакаат да бидат препознаени во улогата на „жртви” на кои им помага општеството. На тој начин не само што се врши девалвација на личниот интегритет и способност на самохраните родителки туку дополнително се виктимизираат, така што правните и социјалните системи ги прават дополнително ранливи, не обезбедувајќи им можност за лична и за семејна благосостојба, нагласува Пачкова во разговор за МИА.

Самохраните родители таргет на сиромаштијата

Самохраните родители се една од најранливите категории кога станува збор за сиромаштијата, вели Пачкова.

Врз основа на податоците од Анкетата за приходи и услови за живеење, што се спроведува во согласност со препораките на ЕУ, ДЗС во 2017 година ги пресмета Лаекен (Лаекен индикатори за сиромаштија за 2016 година). Основа на пресметките на сиромаштијата се приходите, а прагот на сиромаштија е дефиниран на 60 отсто од медијалниот еквивалентен приход.

Според дефинитивните податоци, во 2016 година стапката на сиромашни лица во Република Македонија изнесуваше 21,9 отсто. Самохран родител со издржувани деца за 2014 година е 22,0 отсто, за 2015 година е 26,1 отсто, за 2016 година е 37,5 проценти.

Според истражувањата, што ги спроведе Една може мнозинството самохрани мајки (45 отсто) живеа со приходи од 12 илјади до 21 илјада денари месечно, само шест отсто имаа примања над 30 илјади, а четири отсто немаат никави примања.

Бенџамин Перкс, претставник на УНИЦЕФ во Македонија во разговор за МИА нагласува дека е мошне важно да се дефинираат овој тип семејства во земјава, со цел да се овозможи тие непречено да ги остваруваат своите права.

Општествата кои не се грижат за еднородителските семејства, вели тој, всушност самите губат, бидејќи една категорија граѓани ги спречуваат да го дадат својот придонес за целината. Најдобри услови за живот на еднородителските семејства, според него има во земјите кои имаат висок животен стандард и кои системски ги заштитуваат човековите слободи и права.

-Во земјите со високи стандарди генерално има силен систем за заштита на децата, за заштита на семејствата воопшто. Кога едно семејство станува еднородителско поради смрт, развод или насилство тоа семејство станува мошне ранливо. Поизложени се на сиромаштија, на други видови проблеми и тоа влијае и на родители и на децата. Имате ситуација во која имате самохран родител кој работи, замислете се за момент што значи тоа дека некој оди и работи, десет часа е отсутен од дома и потоа доаѓа дома и треба да го даде истото ниво на љубов и грижа, внимание како и во семејство со двајца родители. Гледаме дека ако децата не добиваат доволно љубов, грижа, ако немаат правилна комуникација со родителите, сето тоа влијае врз нивниот когнитивен, социјален, интелектуален развој, нагласува Перкс.

Сето ова има цена за општеството, додава тој и истакнува дека ова се препознава во земјите со висок стандард, во ЕУ, Северна Америка, Јапонија, Јужна Кореја. -Сите тие земји го препознаваат значењето да се има силна политика за заштита на ваквите семејства, нагласи Перкс.

-Силни системи за заштита на еднородителските семејства има во Велика Британија, Канада, Шведска. Најчесто земјите, кои имаат добра заштита за еднородителските семејства, исто така имаат високо развиен образовен систем, добри политики за заштита на децата, значи тоа се економски богатите земји. Нема грешка, тоа не е коинциденција, бидејќи инвестирањето во семејствата води кон економски и социјално-демократски развој на општеството, додава Перкс во разговор за МИА.

Тензиите меѓу личниот развој и семејните обврски

И додека во ова наше општество, кое се уште е вкоренето во патријархалната улога на мажот и жената, според кои жената е посветена на семејството како приоритет, а нејзиниот личен развој и напредокот во кариерата се во втор, можеби и заден план, оваа состојба е уште покритична за самохраните мајки, каде другиот родител отсуствува од грижата за детето или мошне малку е присутен, вели Пачкова.

Според истражувањето спроведено од невладината органзизација за тоа како и кон што ги насочуваат своите дневни обврски од вкупно 81 испитаничка, сите одговориле дека најголемиот дел од денот и активностите во него им се насочени во грижа за детето/децата.

Четириесет и три испитанички, освен тоа се фокусирани на домашни обврски, одржување на домот, чистење, готвење, пеглање, пазарување. На себе, своите хобија, вежбање, планинарење, трчање, садење, фризер, козметичар се посветиле во дел од денот само 11 самохрани мајки, додека на неформална едукација, себејакнење, обуки, семинари, тренинзи, психотерапевти, групни билдинзи само 8 самохрани мајки.

Само шест испитанички издвоиле време за кино, театар, изложби, гледање натпревари од различни типови и ист толкав број за кафе со пријатели/ки, приватни состаноци и средби.

Пет самохрани мајки од вкупно 81 испитана се вкличиле во општествени збиднувања и вклучености во јавниот, општествен животјавни дебати, општински и градски, пишување претставки, контакти со општини и државни институции, петиции, а само три од нив се посветиле на кариерно остварување и професионална реализација.

Ова укажува дека жените-самохрани мајки најголем дел од денот се занимаваат со негувачкимајчинскиродителски работи, во другото време се посветени на организација на домашни обврски: перење, пеглање, пазарување, готвење, чистење и сличноа само мал дел од мајките посветуваат време на лични интереси, спорт, на интерактивни и културни случувања, на лична формална и неформална едукација и на активности поврзани со унапредување на општествените состојби на сите нивоа, нагласува Пачкова во разговорот за МИА. 

Треба да знаете
Последни објави