Search

Самоубиствен напад на ИД во северозападна Сирија

Најмалку петмина припадници на бунтовничките Сириски демократски сили (СДФ) загинаа, а двајца американски војници се ранети при самоубиствен бомбашки напад во близина на градот Шахдади во северозападна Сирија, соопшти Сирискиот центар за мониторинг на човековите права.

Како што јави ДПА, повикувајќи се оваа невладина организација со седиште во Лондон, нападот бил извршен со автомобил бомба, која експлодирала во момент кога крај неа минувале конвој возила со кои се превезуале припадници на СДФ и на американската армија.

Одговорност за нападот презеде џихадистичката група Исламска држава.

Меѓутоа, меѓународната антиџихадиситчка коалиција, предводена од САД, негираше дека при нападот настрадале нејзини припадници.

– Можеме да потврдиме дека конвој на американски и сириски партнерски сили беше цел на напад во Сирија. Немаше американски загуби, соопшти коалицијата на Твитер.

Нападот го потврди и СДФ, но ги негираше тврдењата на Центарот за мониторниг на човековите права за жртви, нагласувајќи дека напаѓачите „не успеале да ги постигнат своите цели” и само предизвикале материјална штета.

Денешниот инцидент следува пет дена по нападот во средата во северниот сириски град Манбиџ, при што загинаа 19 лица, меѓу кои и четворица американски војници. Одговорност и за овој напад презеде ИД.

Треба да знаете
Последни објави