Search

Саморуков: Западен Балкан не е приоритет за Русија, но не сака да го препушти на Западот

Геополитичкото лимбо во кое се наоѓа Западен Балкан е идеално за Русија. Тоа не значи ни целосна стабилизација, ниту потполна дестабилизација, туку нешто измеѓу. Русија не посакува замрзнатите колфикти на Балканот да се решат бидејќи тие го држат Западен Балкан подалеку од НАТО и Европската унија. Но, Русија не сака ни конфликтите да станат активни, бидејќи и таа има своја црвена линија, изјави за Радио Слободна Европа заменикот главен и одговорен уредник на рускиот Карнеги центар Максим Саморуков.

Тој оцени дека Русија нема да и биде толку привлечна на Србија, кога еднаш ќе се реши косовското прашање. Но, според него, како и во другите конфликти на Западен Балкан, Русија не сака конфликтот меѓу Србија и Косово да се реши.

– Поддршката од Русија во овој период е клучна за Србија, пред сè, поради ситуацијата со Косово. На Србија и е потребна Русија на меѓународно ниво и нејзината моќ во ОН, за да спречи целосно признавање на Косово. Штом се реши спорот, Русија веќе нема да и биде толку привлечна на Србија.

Тој укажа и дека изјавите кои доаѓаат од руските власти се двосмислени.

– Од една страна, Русија вели дека е подготвена да поддржи секакво решение кое е прифатливо за Србија, а од друга, инсистира решението да биде врз основа на Резолуцијата на ОН 1244, која оневозможува независност на Косово. И токму со таквата двосмисленост Русија сака да покаже дека Кремљ на Србија всушност не и одобрува признавање на Косово, истакна Саморуков.

Треба да знаете
Последни објави