Search

Салвини: Ризикот од инфилтрација на исламистички терористи од Либија е реален

Италијанските пристаништа ќе останат затворени во догледен период, особено со зголемениот ризик од исламски тероризам што доаѓа од Либија, изјави италијанскиот министер за внатрешни работи, Матео Салвини, за „Раи њуз“.

Неодамнешната офанзива на генерал Калифа Хафтар на Триполи го зголеми ризикот од присуство на терористи на мигрантските бродови тргнати кон Италија, рече Салвини, што е причина повеќе за затворање на пристаништата.

Во вторникот либискиот премиер Фаес ал Сараџ, кој ја предводи владата на Национален договор (ГНА) поддржана од ОН, предупреди дека дури 800.000 нови мигранти би можеле да бидат принудени да влезат во Европа освен ако наскоро не биде прекинат нападот на Хафтар.

Тој изрази загриженост и дека либискиот конфликт би можел да го олесни бегството на околу 400 милитанти на Исламска држава кои се наоѓаат во либиските затвори.

„Проблемот е што во Либија има илјадници исламистички терористи. Ризикот од инфилтрација на чамци е речиси факт. Поради тоа, повторувам дека никој нема да се закотви во Италија. Нема да дојдете тука без дозвола”, рече Салвини на националното радио во средата.

Салвини го цитираше и својот учинок како во однос на ограничување на нелегалната миграција така и во радикално намалување на бројот на смртни случаи на Медитеранот.

„Годинава го намаливме пристигнувањето од море за 92 отсто и го намаливме бројот на загинати и исчезнати за половина. Очигледно, сериозната и ригорозна политика дава резултати”, рече тој.

Прашан за неговата надлежност да донесе такви еднострани одлуки, Салвини тврдеше дека токму таква е природата на неговата улога како министер за внатрешни работи.

„Министерот за внатрешни работи е државен орган за јавна безбедност и мора да одобри нечие пристигнување. Јас имам право да одлучувам. Министерот за внатрешни работи е оној што ќе одобри пристаниште, ви се допаѓало тоа вам или не. Италијанците ме плаќаат за да ги бранам и тоа е она што го правам”, рече тој.

Прашан за наводното противење од некои генерали во војската, Салвини го отфрли ова прашање.

„Немам време да одговарам на шпекулации. Именувајте го генералот кој ме критикувал. Наместо тоа, добивам, ‘велат тие, очигледно, се чини“’. Затоа не читам весници”, рече Салвини.

Салвини, исто така, инсистираше на тоа дека прави напори за промовирање на мирот, дијалогот и прекинот на огнот во Либија, подвлекувајќи дека прибегнувањето кон оружје не е решение.

„Сакам да верувам дека ќе преовлада разумот и дека воената агресија на Хафтар го достигна својот крај. Бидејќи настрана од миграцијата и ризикот од тероризам, војната секогаш резултира со мртви и повредени”, рече тој.

Треба да знаете
Последни објави