Search

Салвини под истрага за злоупотреба на службени авиони

Поранешниот италијански вицепремиер и претседател на Лига (партија од крајната десница), Матео Салвини, е под истрага за наводна злоупотреба на државни авиони и хеликоптери додека бил на должност, пренесува италијанскиот печат.

Државното обранителство во Рим достави документи до министерскиот суд – тело кое ги гони кривичните дела извршени од членови на владата – во врска со 35 патувања со летала на полицијата и противпожарната служба, пренесе „Кориере дела Сера“.

Од посебниот тричлен суд се бара да поведе истрага во врска со тоа дали ваквото користење на леталата било во согласност со закон.

Според истрагата спроведена пред неколку месеци од страна на левичарскиот дневен весник „Ла Репблика“, Салвини порано организирал собири на Лига непосредно пред или по официјални состаноци на државно ниво.

Државниот завод за ревизија, кој ја водеше истрагата за финансискиот аспект, во септември се откажа од тужба, тврдејќи дека овие патувања се чини дека не се поскапи од патувањата одобрени од владата за министрите и нивните соработници преку редовни линии.

Сепак, заводот ги оцени ваквите летови за незаконски затоа што според италијанското право, полициските и противпожарните авиони и хеликоптери мора да се користат исклучиво за институционални цели и за обука, а не за државни летови на министри.

„Колку повеќе не напаѓаат, толку повеќе напредуваме, со насмевка на лицето“, коментираше Салвини на „Твитер“ во врска со овој процес.

Треба да знаете
Последни објави