Search

Салвини: Лигата е подготвена за договор со Берлускони

Лидерот на италијанската десничарска Лига, Матео Салвини, изјави дека неговата партија е подготвена за сојуз со партијата Форца Италија на поранешниот премиер Силвио Берлускони, со што најави коалиција на десниот центар за можните вонредни парламентарни избори.

„Во следните часа ќе се сретнам со Берлускони и со Џорџа Мелони (лидерка на крајнодесничарската партија Браќа Италија)“, рече Салвини за весникот „Ил џорнале“, кој е во сопственост на семејството Берлускони.

Тој кажа и дека ќе предложи договор што ќе биде поширок од спектарот на десниот центар. Во коалицијата би можеле да влезат и таканаречените граѓански листи ориентирани кон локалните избирачи, пренесува порталот Политико.

Лигата на Салвини неодамна објави дека се распаднала коалицијата со Движењето пет ѕвезди и најави дека до Сенатот ќе упати предлог за изгласување недоверба на владата. Италијанскиот парламент во моментов е на летна пауза, па од претседателот на Сенатот зависи дали ќе свика седница.

Треба да знаете
Последни објави