Search

САД ја опоменаа СДА да му се врати на Дејтонскиот договор

Амбасадата на САД во БиХ се огласи  по усвојувањето на новата програмска декларација на босанската Партија за демократска акција (СДА) на Бакир Изетбеговиќ, порачувајќи дека се загрижени поради изнесените политички ставови во декларацијата, за кои велат дека не помагаат и не влијаат за решавање на секојдненвните проблеми на граѓаните, туку дополнително поттикнуваат политички тензии, пренесува порталот Кликс.ба.

Станува збор за ставот на СДА дека долгорочната политичка цел на таа партија е измена на Уставот и создавање Република БиХ, што е сепак опишано како цел за која мора да постои консензус.

„Таквата реторика го забавува напредокот на БиХ кон евроатланските интеграции и членството на БиХ во ЕУ, ја поткопува стабилноста и ги плаши инвеститорите, што пак ги уништува работните места и го забрзува егзодусот на граѓаните,“ наведуваат од амбасадата и нагласуваат дека ставот на САД е јасен и непроменет.

„Целосно ја подржуваме БиХ, нејзиниот територијален интегритет и нејзината темелна структура како единствена држава, суверена со два ентитета и три конститутивни народи. Секоја промена на внатрешната организација на БиХ мора да се усвои во согласност со постапките утврдени со Уставот, за што е потребна широка поддршка во политичкиот спектар на БиХ, вклучувајќи ги сите конститутивни народи“, истакнато е во реакцијата од амбасадата.

На крај, од амбасадата на САД порачуваат дека територијалниот интегритет и суверентитет на БиХ е загарантиран со Дејтонскиот договор.

„Ни Дејтон ни Уставот не му нудат на ниеден ентитет право на отцепување. Постоењето на секој ентитет во потполност зависи од постоењето на БиХ“, велат во пораката од амбасадата.

Треба да знаете
Последни објави