Search

САД почнаа да се повлекуваат од Сирија

Коалицијата предводена од САД објави дека започнала процес на повлекување од Сирија, објави портпаролот на коалицијата, потврдувајќи го почетокот на повлекувањето за кое американските власти даваа контрадикторни изјави.

Американскиот претседател Доналд Трамп минатиот месец ја објави одлуката да повлече 2000 американски војници кои беа во Сирија за поддршка на милицијата на Сириските демократски сили (СДФ) под курдско раководство во борбата против Исламската држава.

„Коалицијата започна процес на доброволно повлекување од Сирија. Поради грижата за нивната безбедност, нема да зборуваме за временската рамка, локациите или движењето на војниците”, рече полковникот Шон Рајан.

Курдските сојузници на САД во северна Сирија се плашат дека повлекувањето ќе и го отвори патот на Турција да спроведе офанзива во нивната област.
Турција смета дека доминантната сириска курдска група е закана за национална безбедност.

Американскиот советник за национална безбедност, Џон Болтон, во вторникот истакна дека заштитата на Курдите треба да биде предуслов за американското повлекување, што предизвика критики од страна на турскиот претседател Таип Ердоган кој неговите коментари ги нарече „сериозна грешка”.

Американскиот државен секретар Мајк Помпео во четвртокот рече дека нема да се откаже од повлекувањето и покрај турските закани против Курдите.

Треба да знаете
Последни објави