Search

САД не го потпишаа договорот за борба против онлајн екстремизмот

Белата куќа не ја потпиша меѓудржавната иницијатива наречена „Повик на Крајстчрч”, поддржана и од главните технолошки компании, за спречување на ширење екстремизам на интернет, јави дописникот на МИА од Вашингтон.

„Повикот на Крајстчрч”, договор што вчера во Париз го потпишаа девет земји и седум технолошки компании, е одговор на нападите во март врз две џамии во Крајстчрч на Нов Зеланд, при што загинаа 51 лице.

Текстот од три страници, изготвен од новозеландската премиерка Џасинда Ардерн и францускиот претседател Емануел Макрон, повикува на регулација на интернет службите заслужни за ширење на екстремистички содржини, без да се загрози слободата на говорот.

Белата куќа соопшти дека во принцип ја прифаќа „проценетата порака” на оваа иницијатива, но дека „во моментов не е во состојба да се придружи”.

Според позицијата на САД, идеолошките разлики помеѓу улогата на власта и владеењето на слободата на говорот ја усложнува борбата против екстремистичките содржини на социјалните мрежи, како на пример терористичката пропаганда.

Договорот предвидува владите и технолошките компании како Фејсбук и Твитер, да дејствуваат координирано. Во случај на терористички напади се предвидува формирање на кризен план за споделување информации и моментно блокирање на емитувањето видео содржини кои прикажуваат насилство во живо. Видео стриминг алатките на Фејсбук беа искористени за емитување во живо на сцените од самите напади во Крајстчрч.

Администрацијата во Вашингтон од своја страна им дава слобода на самите компании да воведат свои правила и да забранат употреба на нивните платформи како алатки на терористите.

Потписници на договорот се Велика Британија, Индонезија, Ирска, Јордан, Канада, Нов Зеланд, Норвешка, Сенегал и Франција и компаниите Фејсбук, Јутјуб, Гугл, Амазон, Твитер, Мајкрософт и Дејлимоушн.

Треба да знаете
Последни објави