Search

САД и Иран разменија затвореници

Техеран и Вашингтон разменија денеска затвореници – студент на постдипломски студии на американскиот Универзитет Принстон е ослободен во Иран во замена за ирански научник кој е задржан во САД, што претставува редок чин на дипломатска соработка меѓу двете земји, по повеќемесечните тензии.

За време на размената, која е извршена во Цирих, ирански официјални претставници го предадоа американскиот студент со кинеско потекло Сијуе Ванг, кој беше во притвор во Техеран од 2016 година, во замена за научникот Масуд Солејмани, кој е осуден во сојузната американска држава Џорџија.

– Мило ми е дека професорот Масуд Солејмани и господинот Сијуе Ванг наскоро ќе им се придружат на своите семејства, напиша иранскиот министер за надворешни работи Мохамад Џавад Зариф на Твитер, заблагодарувајќи им се на сите кои биле вклучени во размената, посебно на швајцарската Влада.

Набрзо се огласи и американскиот претседател Доналд Трамп, потврдувајќи преку соопштение на Белата куќа дека Ванг е ослободен и „се враќа во САД”.

– Ванг е затворен од август 2016 година под изговор дека вршел шпионажа. Им благодариме на швајцарските партнери за помошта во преговорите за ослободување на Ванг од Иран, наведува Трамп.

Ванг е осуден на 10 години затвор во Иран поради наводно „инфилтрирање” во земјата и испраќање доверлив материјал во странство. Неговото семејство и Универзитетот Принстон категорично ги демантираа таквите тврдења.

Солејмани, пак, кој работи на истражување на матични клетки, хематологија и регенеративна медицина, бил уапсен од американските власти под обвинение дека ги прекршил трговските санкции, обидувајќи се да пренесе во Иран биолошки материјал.

Треба да знаете
Последни објави