Search

САД добиле разузнавачка дојава за можен напад врз своите војници во Германија

Списанието „Њузвик“ цитира неименуван извор во неделата дека САД добиле разузнавачки информации за можен напад врз американските трупи стационирани во Германија.

Информациите од трети лица, кои наводно биле примени од 66. американска воена разузнавачка бригада, конкретно ги посочиле војниците сместени во „Тауер баракс“ во Графенвор или во „Тауер баракс“ во Дулмен како потенцијални цели.

„Изворот на информации посочи дека нападот ќе го изврши непознат јордански екстремист, кој се наоѓа во Германија во близина на непозната воена база. Непознатиот Јорданец е опишан како лојален на јорданското кралче и неодамна се залагал за убиство на американски војници во Германија“, се тврди во извештајот од разузнавачите.

„Њузвик“ во овој контекст објасни дека критичарите понекогаш го користат зборот кралче како навредлив термин за јорданскиот крал Абдула Втори, кој претходно сигнализира поддршка за воените операции на САД во регионот.

Во 2016 година јорданскиот помлад водник Марик ал-Тувеха уби тројца војници од специјалните сили на американската армија пред базата Ал-Џaфр во јужен Јордан. Тој тврдеше дека не е виновен, но беше осуден на доживотен затвор.

Списанието го цитира и портпаролот на американската армија во Европа, кој потврдил дека синоќа била истражувана и утврдена потенцијална закана.

„Беа консултирани германските и американските власти и не беше утврдена непосредна закана. Би сакале да ги потсетиме сите да останат внимателни и да бидат свесни за своето опкружување“, предупреди портпаролот.

Посебно јавно предупредување беше издадено од американскиот гарнизон „Баварија“ на неговата официјална страница на „Фејсбук“ во врска со зголемените мерки за заштита што се во сила во касарните „Тауер баракс“ и „Роуз баракс“.

Со речиси 38.600 американски војници распоредени во објекти во цела Германија земјата е домаќин на повеќе американски војници од која било друга европска нација. Минатата година американскиот амбасадор во Германија, Ричард Гренел, го критикува Берлин за неисполнување на целта на НАТО за трошење 2 отсто од БДП за своите воени сили.

Тој ја пофали идејата на американскиот претседател, Доналд Трамп, повторно да ги распореди војниците од Германија во Полска и инсистира дека е време Берлин да плати за својата одбрана.

Иако Германија објави дека планира да ги зголеми воените трошоци до 1,35 отсто во 2019 година и се надева дека ќе го зголеми уделот до 1,5 отсто до 2023 година, сепак не планира да ја постигне целта од 2 отсто поставена од членките на НАТО во 2014 година.

Треба да знаете
Последни објави