Search

САД бараат да се стопира изградбата на Турски поток преку Бугарија

САД остануваат на ставот дека треба да се напушти изградбата на продолжување на гасоводот Турски поток преку Бугарија, изјави помошникот државен секретар на САД, Франсис Фанон.

Како што јави дописникот на МИА од Белград, гасоводот Турски поток преку Србија треба биде завршен до крајот на годината, а трасата преку Бугарија, која доцни шест месеци, треба да се изгради во истиот рок, пишува порталот „Енергија Балкан” и оценува дека „тоа не им се допаѓа на САД, чии политичари покрај противењето за гасоводот Северен поток, водат кампања и против Турски поток”.

Бугарија треба да постави 474 километри цевки од границата со Турција до Србија, а проектот е вреден 1,1 милијарда евра, без ДДВ. Интересно е, додава порталот „Енергија Балкан”, што на крајот на работите на бугарскиот дел од гасоводот, помошникот државен секретар во Бирото за енергетски ресурси на американскиот Стејт департмент, Франсис Фанон, ја посети Бугарија и во разговор со бугарската министерка за енергетика Теменушка Петкова порача дека треба да се напушти изградбата на продолжување на гасоводот Турски поток преку Бугарија и нуклеарната централа Белене.

Според Фанон, кого го цитира бугарскиот сајт „Медиапул”, овие проекти не и обезбедуваат на Бугарија диверзификација на снабдувањето со гас, а руската опрема за нуклеарната централа Белене, според него е технолошки застарена и неупотреблива.

Помошникот државен секретар не криеше дека САД ја поддржуваат реализацијата на проектот за изградба на гасната интерконекција Бугарија – Грција, а потенцираше дека малите модуларни реактори можат да бидат алтернатива на изградбата на нуклеарната централа Белене.

Фанон јасно стави до знаење дека американските санкции кон Турски поток ќе влијаат на изградбата на продолжување на рускиот гасовод низ Бугарија, се наведува во текстот.

– Фактот што бугарската Влада овој гасовод го нарекува Балкански поток и тврди дека е дел од бугарската гасна инфраструктура не ја менува суштината на проектот, кажа Фанон.

Изјавата на Фанон е доказ дека САД, покрај гасоводот Северен поток 2, ја продолжуваат својата кампања и против Турски поток односно против рускиот гас во Европа, оценува порталот „Енергија Балкан”, кој посочува дека бугарските власти ова лето реагирале на нападите од Вашингтон со порака дека Балканскиот поток е бугарски проект и дека изградба ќе продолжи.

Порталот ја наведува и изјавата на претседателот Александар Вучиќ, дека „Србија ќе го заврши гасоводот до крајот на годинава”, кој ова го изјави пред два дена по разговорот со рускиот амбасадор во Србија Александар Боцан-Харченко, со кого разговараше и за други заеднички проекти од областа на енергетиката.

Дека гасоводот Турски поток ќе биде подготвен да ги покрие потребите на Бугарија, Србија, БиХ и делумно Унгарија до крајот на годината, неодамна потврди и првиот човек на Србијагас, Душан Бајатовиќ, кој додаде дека Србија работи и на алтернативно сценарио од правец на Баумгартен, најголемиот објект за складирање на гас во Европа, до кој гасот пристига и преку гасоводот Северен поток 1.

Треба да знаете
Последни објави