Search

Русковска го искара Заев: Не сте тука да давате мислење, туку да кажете што сте виделе и чуле

Обвинителката Вилма Русковска и премиерот Зоран Заев имаа „вербален дуел“ на денешното судење за организаторите на „27 Април“, каде лидерот на СДСМ сведочеше за настаните и случувањата во Собранието пред „крвавиот четврток“.

Заев застана во одбрана на овинетите и рече дека не мисли дека главни осмислувачи и организатори на настаните во Собранието од  27 април 2017 година се Миле Јанакиески, Спиро Ристовски, Трајко Вељановски и другите обвинети.

-Според мои сознанија овие луѓе се изманипулирани од главниот организатор Никола Груевски и според мене, како жртва, должен сум да ја зборувам вистината не навлегувајќи во нивните чувства. Јас сум присутен сите тие 30 дена пред Собранието знам како тогашниот претседател го водеше Собранието знаејќи ги политичките констелации. Не е коректно за правниот систем да се води ваква постапка, рече Заев во судот.

На ова веднаш реагираше Русковска, која констатираше дека Заев не е во судницата да каже што мисли, туку што видел и слушнал.

-Премиерот денеска беше викнат во својство на сведок, не беше викнат во својство на вешто лице да дава свое мислење. Тој не понуди никакви докази дека овие луѓе не се едни од организаторите. Апсолутно не се сложувам со изјавата дека биле изманипулирани, изјави обвинителката по рочиштето.

Обвинетите, посочи таа, не се малолетни лица за да може било кој да ги изманипулира особено што долги години беа на едни од највисоките функции во државата.

-Се надевам дека судот при носење на одлука ќе ги цени како материјалните докази што беа предложени од обвинителството, што ќе бидат предложени од страна на одбраната, така и изјавата на сведоците, па врз основа на сето тоа дека ќе донесе правилна и законита одлука, изјави Русковска.

Во однос на тоа дали премиерот Зоран Заев досега споделил нешто вакво со неа, со оглед дека беше сведок и во претходната постапка, Русковска, рече дека денеска се појави во својство на сведок на одбраната.

Прашана дали ќе отвори истрага по исказот на Заев, Русковска, рече дека тој дал свое мислење, и не може да се отвори истрага за дадено мислење.

Фото: Слободан Ѓуриќ

Треба да знаете
Последни објави