Search

Руски медиуми: Од цел свет нарачки за над милијарди дози од вакцината против коронавирус

Рускиот фонд за директни инвестиции (РДИФ) досега има добиено барања од различни земји во светот за вкупно над 1,2 милијарди дози од вакцината Спутник V, наменета за борба против коронавирусот, објавија денеска руските медиуми.

– РДИФ доби барања за повеќе од 1,2 милијарди дози Спутник V за периодот 2020-2021 година. Повеќе од 50 земји во Европа, Азија, Блискиот исток и Латинска Америка поднесоа пријави, рече шефот на Фондот Кирил Дмитриев.

Претходно, РДИФ објави договори постигнати со партнери во Мексико за набавка на 32 милиони дози, Бразил до 50 милиони дози, Индија – 100 милиони дози и Непал – 25 милиони дози вакцини.

– Гледаме голем интерес за вакцината од голем број азиски земји. Во врска со ова, РДИФ изразува подготвеност за снабдување со вакцини на други земји во регионот, бидејќи новиот коронавирус е наш заеднички непријател, што може да се победи само со заеднички напори, вели Дмитриев.

Руската Спутник V е првата регистрирана вакцина против коронавирус. Произведена е од институтот Гамалеи, а на 11 август доби потврда за регистрација од Министерството за здравство на Руската Федерација.

Големи клинички испитувања, односно фаза три, со најмалку 40 000 учесници, Русија  почна на 26 август, но испитувањата сè уште не се завршени. Првите резултати од овие тестови се очекува да бидат објавени во октомври или ноември.

Треба да знаете
Последни објави