Search

Руската шпионка Марија Бутина уапсена во САД призна вина

Марија Бутина, која е обвинета од американските власти дека е руски шпион и дека се обидува да влијае на политиката на САД кон Русија, се очекува оваа недела да се изјасни за виновна, по постигнатиот договор меѓу нејзините адвокати и американските обвинители.

Бутина ќе мора да соработува со американските федерални, државни и локални власти. Таа признала дека подготвувала заговор со цел делување во САД под раководство на неименуван руски функционер.

Бутина се обиде да се инфилтрира во Националната агенција за оружје (НРА), американска непрофитна организација која се залага за пошироки права за користење на оружје. Таа беше уапсена ова лето и подоцна беше обвинета за заговор и дека е странски агент. Првично, таа негираше вина.

Обвинителите тврдат дека таа во текот на претседателската кампања во САД во 2016 година и по изборот на Доналд Трамп за претседател, за да ги прикрие своите активности користела статус на студентка за да се инфилтрира во НРА и во други политички организации поврзани со Републиканската партија. Бутина собраните информации му ги пренесувала на еден руски функционер кому САД оваа година му воведоа санкции. Таа, исто така, имала задача да воспостави врска меѓу американски политичари и Кремљ.

По нејзиното апсење, шефот на руската дипломатија, Сергеј Лавров, во телефонски разговор со американскиот државен секретар, Мајк Помпео, рече дека е неприфатливо тоа што американските власти ја уапсиле руската државјанка врз основа на наместени обвиненија.

Треба да знаете
Последни објави