Search

Руската православна црква им дозволи на верниците исповед преку телефон или „скајп“

Во период кога Русија презема сè порестриктивни мерки за социјално дистанцирање за борба против епидемијата на новиот коронавирус Ковид-19, Руската православна црква се приспособи на новонастанатата ситуација заземајќи малку пониаков пристап кон Светите тајни, вклучувајќи ја и исповедта, пренесува РТ.

Строгите правила за самоизолација во домовите донесени од властите во повеќето руски региони, се предизвик за христијаните кои сакаат да продолжат со својот духовен живот додека беснее пандемијата. Во период кога во земјата има повеќе од 3.500 луѓе заразени со Ковид-19, рускиот патријарх Кирил ги замоли верниците извесно време да останат настрана од црквите.

За да им надомести за тоа, РПЦ им понуди на своите верници прилично неортодоксни начини за учество во Светите тајни. Неодамна митрополитот Иларион им рече на верницит дека можат да ја користат модерната технологија.

„Верувам дека во време на несекојдненви услови верникот може да се исповеда преку телефон или преку „скајп“, за што прво треба да се договори со својот свештеник,“ рече тој.

Православниот свет ќе го слави Велигден по околу две седмици, а митрополитот Иларион уште еднаш ги увери верниците дека со пропуштањето на црковните служби не прават грев.

„Нема да го предадете Христа ако не дојдете в црква, но ќе го предаете ако некој се разболи поради вас,“ посочи тој и додаде дека РПЦ сега емитува повеќе свои услуги преку Интернет за да им овозможи на верниците пристап до нив од дома.

Русија не е единствената нација во која верниците се соочуваат со различни тешкотии поради ограничувањата наметнати за да се запре ширењето на пандемијата која веќе зарази еден милион луѓе во светот.

Кон крајот на март, папата Франциско ги повика католиците да се откажат од исповедта пред свештеник ако не се во можност поради карантинот.

„Ако не можете да најдете свештеник за да се исповедате, разговарајте директно со Бога, со вашиот татко и кажете му ја вистината“, рече тој, апелирајќи до луѓето да останат дома.

Свештениците во САД, пак, прибегнаа кон водење миси на „фејсбук“, па дури и понудија и „драјв-тру“ исповеди. Верниците таму сега можат да ги исповедаат своите гревови додека седат во своите автомобили на црковниот паркинг, а свештеник разговара со нив преку телефон седнат на неколку метри од нив.

Треба да знаете
Последни објави