Search

Русија ќе развие тест за новиот корона вирус до февруари

Центарот за стратешко планирање и управување со медицински и биолошки здравствени ризици при руското Министерство за здравство следниот месец ќе ја заврши својата работа на развојот на тест за предвремено откривање на новиот корона вирус 2019-нКоВ, што предизвика појава на пневмонија во Кина, изјави заменик-министерот за здравство, Олег Салагаи, пренесува ТАСС.

„Во февруари, Центарот ќе ја заврши својата работа на создавање на тест за предвремено откривање на новиот корона вирус, за кој се дискутираше широко во мас-медиумите. Ова е добар пример за стратегија насочена кон поддршка на приоритетни научни истражувања што ги користи министерството“, рече Салагаи на својот канал на „Телеграм“.

Тој потсети дека Русија создаде домашна вакцина против вирусот на еболата. Тоа беше прва официјално регистрирана вакцина во светот на ова ниво.

На 31 декември кинеските власти ја известија Светската здравствена организација за појава на нов вид пневмонија во градот Вухан во централна Кина. На 7 јануари кинеските специјалисти го утврдија вирусот зад инфекцијата – корона вирус 2019-нКоВ. Сите сомнителни случаи на новата пневмонија биле тестирани за корона вирус.

Според последните извештаи, 224 лица се заразени со новиот корона вирус во Вухан, Пекинг, Шангај и во провинцијата Гуандонг. Изолирани случаи се потврдени и во Јужна Кореја, Тајланд и во Јапонија. На 20 јануари кинеската Национална здравствена комисија потврди дека корона вирусот 2019-нКоВ може да се пренесе од човек на човек. Генералниот директор на СЗО, Тедрос Аданом Габрејезус, утре ќе свика состанок на Комисијата за вонредни состојби за појавата на корона вирусот во Кина.

Треба да знаете
Последни објави