Search

Русија по успешните тестови планира од септември да почне со призводство на вакцината против коронавирусот

Не се откриени несакани ефекти или проблеми со организмот на волонтерите, соопшти руското министерство за здравство  по наравените тестови со вакцината прптив коронавирусот. Русија вели дека планира сериско производство на првата домашна вакцина против коронавирусот да ја започне до септември.

Русија веќе подолго време е еден од ривалите во светот што се тркаат да направат вакцина против ковид-19.

Последната проверка на волонтерите на кои се тестира вакцината против коронавирусот, која ја развива Националниот истражувачки центар за епидемиологија и микробиологија „Гамалеја“, покажа имунитет кај сите учесници, соопшти руското Министерство за одбрана.

„Резултатите од проверката јасно покажуваат непогрешлив имунолошки одговор реализиран преку вакцинацијата. Не се пронајдени несакани ефекти или проблеми со организмот на волонтерите“, соопшти Министерството. Волонтерите биле тестирани во болницата Бурденко во Русија.

Земјата првично планира сериско производство на првата домашна вакцина против коронавирусот до септември, објави неодамна руска агенција ТАСС.

Според рускиот министер за индустрија и трговија Денис Мантуров, целокупното производство ќе зависи пред сè од потребите на здравствениот систем.

Покрај тоа, Русија до почетокот на следната година ќе произведува и неколку милиони дози вакцини против коронавирус месечно, додаде министерот.

Успешното тестирање на вакцината врз волонтерите се случи веднаш откако рускиот државен центар за истражување вирологија и биотехнологија Вектор објави дека планира во ноември да почне со производство на вакцина против ковид-19, изјави нејзиниот генерален директор Ринат Максутов за ТВ каналот Расија-1, пренесе ТАСС.

Засега е планирано три руски компании во септември да почнат со индустриско производство на првата вакцина против коронавирус во Руската Федерација, изработена од институтот „Гамалеја“, рече Мантуров.

Властите планираат прво против вирусот да се вакцинираат лекарите и наставниците.

Претходно, шефицата на руското санитарно надзорно тело, Ана Попова, рече дека е уверена дека руската вакцина против коронавирусот ќе биде апсолутно безбедна и ефикасна.

„Не се сомневам дека вакцината со која ќе се вакцинираат луѓето ќе биде апсолутно безбедна и, се разбира, ефикасна”, рече таа во интервју за еден телевизиски канал.

Русија денеска пријави 5.115 нови заразени, со што националната бројка стигна до 861.423, четврта по големина во светот.

Треба да знаете
Последни објави