Search

Русија: Можеме да посредуваме меѓу владата и опозицијата на Венецуела

Русија денеска се понуди, доколку е потребно да посредува меѓу владата и опозицијата во Венецуела.

Како што објави РИА Русија соопштила дека е подготвена да соработува со сите одговорни политички сили.

Ваквата понуда до Венецуела ја испратил директорот на одделот за Латинска Америка во руското Министерство за надворешни работи.

По најновата политичка криза во Венецуела претседателот на парламентот, опозиционерот Хуан Гуаидо се прогласи за привремен шеф на државата, додека трае мандатот на привремената влада. Еден ден потоа венецуелскиот претседател, Николас Мадуро во обраќање до нацијата нагласи дека одлучил да ги затвори амбасадите и конзулатите во САД, бидејќи тие го признаа самопрогласувањето за претседател на Гуаидо.

Мадуро себе си се прогласи за уставен претседател и го нарече шефот на опозицијата – марионета на САД.

„Јас никогаш нема да се откажам од обврските кон мојата татковина, никогаш нема да го направам тоа”, рече претседателот на Венецуела, Мадуро.

Рускиот претседател, Владимир Путин, во телефонскиот разговор, пак, со претседателот на Венецуела, Николас Мадуро, чија земја минува низ политичка криза, ја изрази својата поддршка.

Во разговорот Путин изјави дека ги поддржува легитимните власти на Венецуела во услови на влошување на политичката криза предизвикана од надвор, соопшти Кремљ.

Рускиот претседател го осуди деструктивното странско мешање, кое ги крши основните норми на меѓународното право и вети дека ќе побара решение во уставната рамка и надминување на разликите во венецуелското општество преку мирен дијалог

Треба да знаете
Последни објави