Search

Русија ги пополнува празнините кои ги остава ЕУ на Балканот

Подкомитетот за безбедност и одбрана на Европскиот Парламент денеска организираше сослушување за улогата и влијанието на Русија во југоисточна Европа, на кое експерти од регионот ги информираа европратениците за руската закана и која треба да биде улогата на Европската Унија во овој процес.

Главната порака од овој панел беше дека за Русија не е толку важен Западниот Балкан колку што Москва во него гледа „нарушена” можност, односно можност да воведе хаос и конфузија, во време кога процесот на проширување на ЕУ е забавен.

-Опаѓа ентузијазмот во ЕУ за проширувањето, а опаѓа и ентузијазмот на Балканот за реформи, има замор од реформите, што е добро за Русија да си поигра, објасни Веско Гарчевиќ, поранешен амбасадор на Црна Гора во НАТО.

Балканот, рече тој, не е приоритет за Русија, но доколку и се пружи можност, таа ќе продолжи да врши влијание во тие земји.

Слабостите на земјите во регионот како слабиот демократски капацитет на институциите, етничките тензии, билатералните спорови, но и економските и воените проблеми се оние кои создаваат плоден терен за руското влијание.

-Русија нема позитивна агенда за Балканот, таа не ја гледа Србија во Евроазиската унија на пример, она што сака да го направи е да создаде максимална штета за Западот, објасни Димитар Бечев, од универзитетот во Северна Каролина.

Според него, Западниот Балкан е слаба точка каде може Москва да поттикнува проблеми и да се здобие со геополитичка предност. И покрај фактот што Русија не е важен играч во регионот во економска или воена смисла, самиот факт што Западот ја перципира Русија како ривал претставува победа за Владимир Путин, објасни Бечев.

Притоа, бројни политичари во регионот ја користат ситуацијата за свој бенефит „седејќи на две столици”, рече експертот.

-Тие се обидуваат да добијат геополитички бенефит преку соработка со Русите а потоа да добијат отстапки од Западот.

На ова треба да се додаде и позитивната перцепција на Русија кај јавното мислење во повеќе земји на регионот, како Србија, Црна Гора, Македонија, ентитетот Република Српска, иако всушност нема вистинска блискост меѓу овие народи и Русија.

-Русија ја гледаат како противтежа на Западот и САД. Тоа не значи дека имаат длабоко познавање на Русија, не говорат руски, не го разбираат руското општество, но Русија е непријателот на САД и се одмаздува за понижувањата од дведесеттите години, изјави Димитар Бечев, потенцирајќи дека дури и во земји кои имаат традиција на “непријателство” со Москва, како Албанија и Романија, Русија сее нарушувачко влијание преку наративи за тоа како Западот е закана за традиционалните вредности и им наметнува “диктати на општествата”.

Бечев предупреди од ризикот да се одговори на руската пропаганда со „противпропаганда”. Според него е поважно да се погледне средината во која дејствува Русија, односно да се создадат услови за, на пример поголема транспарентност во енергетскиот сектор или пак медиумската сопственост, што би го отежнал капацитетот на Москва да шири лажни вести.

Во тој контекст, дел од дебатата се фокусираше токму на лажните вести и важноста од медиумска писменост и професионални медиуми.

-Русија е силна во дезинформациите и во психолошката област, објасни Марко Чеперковиќ од европскиот институт за безбедносни студии во Париз.

Русија, објасни тој, игра врз емоциите но и нискиот степен на свест и на проверка на факти, теориите на заговор присутни кај населението, но сето тоа комбинирано и со медиумски реформи кои доведоа до процес на приватизации, во кој медиумската активност не е профитабилна, ниту најважна. Оттука руските медиумски компании ја користат приликата бидејќи ставаат на располагање бесплатни текстови и статии кои потоа медиумите во регионот ги шират.

-ЕУ се презентира како нешто што наметнува вредности, но и како несоединета, хаотична, нефункционална, дека ЕУ не вреди членство, објасни експертот.

Експертите порачаа дека е важно ЕУ да ги има на ум медиумите, новинарите и обуките кога станува збор за регионот, но и дека треба да реагира кога нејзините вредности се прекршени, па дури и кога тоа доаѓа од легитимно избрана власт.

-Важно е исто така да им се помогне на новинарите во критични моменти. Кога Вучиќ ги обвинува медиумите, ЕУ треба да застане зад своите вредности, изјави Бечев.

Чеперковиќ исто така предупреди дека ЕУ има тенденција да им врти грб на оние кои се најмногу проевропски ориентирани, во име на стабилноста и безбедноста, и со тоа исто така создава ризик за евроинтегративниот процес во регионот.

Експертите се согласија и дека руското влијание е различно од кинеското или турското во регионот, како во своите цели, така и во методите.

За разлика од Кина која има интерес Балканот да биде интегриран во ЕУ и Турција која, и покрај авторитаризмот на Ердоган, останува членка на НАТО, дел од царинската унија на ЕУ и сојузник на Западот, Русија има пред сѐ за цел да го спречи евроатлантското влијание во регионот.

Треба да знаете
Последни објави