Search

РСБСП: Возачи, намалете ја брзината и внимавајте на децата во сообраќајот!

Со почетокот на учебната година, фреквенцијата на возила и на пешаци во сообраќајот значително се зголемува. Согласно тоа, се зголемува и потребата за дополнителна доза внимателност од страна на сите учесници во сообраќајот, особено кога се движат во близина на училиште или на градинка, укажаа денеска од Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата (РСБСП) и упатија апел до возачите да бидат внимателни.

Оттаму  посочуаваат дека и понатаму останува важно прашањето како децата навремено и безбедно да пристигнат до училишниот двор? Не смееме да го заборавиме и да го занемариме фактот дека сообраќајните незгоди се сериозна закана за животот и здравјето на децата.

-Сообраќајните незгоди се случуваат тогаш кога најмалку очекувате, затоа, многу е важно секогаш да бидете заштитени вие и вашите најмили. Внимавајте на децата во сообраќајот и намалете ја брзината во близина на училишта и градинки. Внимавајте каде паркирате, затоа што неправилно паркираните возила ги прават децата невидливи во сообраќајот. Не заборавајте дека безбедноста на децата во сообраќајот е одговорност на возрасните!, истакнува РСБСП.

Ги потсетуваат родителите дека тие се огледало на кое децата секојдневно се огледуваат. Личниот пример кој родителите им го даваат на децата во сообраќајот треба да биде безусловно и целосно почитување на правилата и прописите во сообраќајот и на тој начин всушност континуирано да ги наведуваат децата да бидат безбедни и одговорни во сообраќајот!, посочува РСБСП.

Статистичките податоци покажуваат дека децата многу често страдаат во сообраќајни незгоди како патници. Во таа насока, РСБСП потсетува на законската обврска според која, деца кои немаат полни 12 години, не смеат да се превезуваат на предното седиште, како и за обврската за користење сигурносен појас на сите седишта и детско седиште за деца на возраст до 5 години (дури и тогаш кога возењето трае кратко).

РСБСП воедно потенцира дека децата кои немаат полни 10 години не е безбедно да се оставаат сами да одат на училиште. Доколку од одредени причини се одлучите да го пуштете детето да оди само на училиште, потрудете се да биде барем во група од две до три деца. Во таква ситуација, секој одговорен родител должен е на своето дете да му го покаже и да му го повтори најбезбедниот пат од училиште до дома, да му посочи на детето за потенцијалните ризици и закани во сообраќајот и да му ги објасни и повтори најважните правила и прописи во сообраќајот.

На сите ученици им посакуваат успешна учебна година и уште еднаш ги потсетуваат безбедно, внимателно и одговорно да учествуваат во сообраќајот.

– Чувајте ги децата од повреди и загуби во сообраќајот!, порачуваат од РСБСП.

Треба да знаете
Последни објави