Search

Рот – Димитров: С.Македонија ги исполни условите, пристапните преговори треба да почнат што побргу

Германија очекува до крајот на нејзиното претседавање со ЕУ да биде одржана првата Меѓувладина конференција и да почнат пристапните преговори со С.Македонија, изјави германскиот министер за Европа Михаел Рот по денешната средба во Берлин со вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров.

– Во својство на претседавач со Советот за општи работи, гордо изјавувам дека планираме да започнеме со организација на првата Меѓувладина конференција и да ги започнеме пристапните преговори со Северна Македонија. Прилично сме оптимистични дека можеме да започнеме со пристапните преговори пред крајот на нашето претседавање. Во моментов имаме многу плодна и позитивна дискусија со другите земји членки на ЕУ, која треба да заврши со договор за рамката за пристапните преговори, рече Рот.

Тој истакна дека во заклучоците на Советот веќе се договориле дека нештата се прилично позитивни.

– Од моја страна, Северна Македонија ги исполни условите и сега е право време да испорачаме. Треба да почнеме со пристапните преговори што е можно побргу, нагласи Рот.

На средбата, како што соопшти Секретаријатот за европски прашања, биле детално разгледани следните чекори во однос на постигнувањето на заедничкиот успех – Северна Македонија да ги почне пристапните преговори за време на германското претседателство со ЕУ.

Димитров информираше за плановите за реорганизација на преговарачката структура и постојниот механизам за координација на евроинтеграцијата, за да може ефикасно да се одговори на предизвиците од новата методологија.

– 2020 година и покрај сите предизвици ќе биде запаметена и како годината во која Северна Македонија, нејзините сојузници и партнери имаат причина за славење. За успешно заокружување на годината, по одлуката во март, потребна е уште една значајна одлука која што ќе го отвори патот кон конечно остварување и на втората стратешка цел – полноправно членство во Европската Унија. Со пријател како Германија на чело на Унијата, заедничкиот успех е на дофат, рече Димитров.

Соговорниците ја потенцирале важноста и на Берлинскиот процес во контекст на регионалната соработка, како платформа што може да придонесе за насочување на сите регионални иницијативи и за продлабочена економска соработка и поврзување на регионот.

Треба да знаете
Последни објави