Search

Росен Плевнелиев: Претседателите манипулираат со стравот на луѓето

Поранешниот бугарски претседател Росен Плевнелиев остро го критикуваше својот наследник Румен Радев обвинувајќи го дека не си ја врши добро функцијата во момент кога нацијата се наоѓа во тешка ситуација, пренесува „Спутник“.

„Радев седи негде во заседа и размислува како да ја води својата битка за власт во Бугарија“, вели тој, оценувајќи ги неговите изјави како популистички и споредувајќи го со претседателите на други земји.

Плевнелиев смета дека многу претседатели сега манипулираат со стравот на луѓето.

„За жал, Европа и целиот свет ги преплави популистички бран, но вирусот, за среќа, ги разоткри популистите. Од американскиот претседател Доналд Трамп до бразилскиот претседател Болсонаро до бугарскиот претседател Румен Радев, сите имаат огромен проблем: знаат како да манипулираат со стравот на луѓето, но не се во состојба да понудат решенија, особено во тешки мигови. Гледајте што се случува со Трамп: една од најмоќните земји, со најмоќна економија, здравствен систем и научници е пред целосен неуспех“, вели тој.

Според Плевнелиев, Бугарија не се соочува со толку големи економски проблеми, но додава дека земјата мора да има пари за зло време, поради што мора да се задолжи.

„Проблемот е во тоа што благодарение на Радев и на опозициската Бугарска социјалистичка партија, големите мислители за иднината на земјата, Бугарија денес не е во Еврозоната и не е дел од Европскиот механизам на девизниот курс. Да бевме во него, ќе можевме да учествуваме во програмата во која Европската централна банка им доделува на државите членки пари без лимит за побрзо закрепнување на економијата“, заклучи Плевнелиев, истакнувајќи дека тоа е национална трагедија.

Вонредната состојба во Бугарија е продолжена до 13 мај, а Радев претходно ја критикуваше владата поради намерата да ја продолжат мерката воведена на 13 март.

Минатата недела, директорот на Бугарската народна банка, Димитар Радев, рече дека земјата е принудена да ги одложи планираните чекори за пристапување кон Еврозоната поради ситуацијата со коронавирусот.

Треба да знаете
Последни објави