Search

РК Бутел со голема победа над фаворизираниот тим на Пелистер

РК Бутел со голема победа над фаворизираниот тим на Пелистер

Ракометарите на Бутел Скопје прославија голема победа над фаворизираниот тим на Пелистер со 29-26 во дуел од второто коло на Суперлигата. Домашните водеа во поголемиот дел од натпреварот и заслужено се радуваат на триумфот, додека битолчани сè уште ја бараат својата игра и за жал мораа да го положат „оружјето“ во Радишани.

Кобетиќ отвори со погодок, но домашните возвратија со серија од три голови преку искусните Мојсоски и Мајиќ за 3-1. Пелистер стигна до 5-5, потоа се играше гол за гол, но битолчани повторно промашија од чисти ситуации, правеа недозволени технички грешки и казната стигна. Бутел поведе со 10-7 и до крајот на полувремето не ја испушти таа разлика. Домашните имаа шанса и за +4, но не погодија, па битолчани казнија преку  десниот бек Перовиќ и на пауза се замина со 15-13.

Во вториот дел набрзина гостите израмнија на 15-15, а по подолго време и поведоа откако ја стегнаа одбраната со 17-18. Избраниците на Томе Петрески имаа и предност од 19-21, но упорните момците на Игор Котевски израмнија на 21-21. Двете екипи добија шанси да погодат, но или правеа грешки, или голманите бранеа, па немаше погодок пет минути. Серијата на домашните продолжи, стрелаа Димовски и Василевски за 23-21. Маџовски ги извлече од летаргијата соиграчите и намали на 23-22 на седум минути до крај.

Печенковски беше прецизен за 24-22, па домашните имаа и шанса за +3, но загубија топка, па Маџовски погоди за 24-23. При 25-24, следеа грешки на гостите, па Младеновски даде гол за 27-24 на две и пол минути до крајот. Петрески повика тајм-аут, битолчани намалија на 27-26 и во последната минута се влезе со тој резултат. Средниот бек Печенковски го даде победничкиот гол на триесетина секунди до крајот за 28-26. Битолчани промашија во следниот напад, па Спасовски стави точка на натпреварот со голот за 29-26.

Најдобар стрелец во домашниот тим беа Мојсоски со девет голови, а Печенковски, Андовски и Мајиќ запишаа по четири. Кај Пелистер се истакнаа Маџовски со седум гола и Перовиќ и Поповиќ со по шест.

Треба да знаете
Последни објави