Search

Речиси половина милион жители во земјава немаат постојан пристап до храна

Честопати Северна Македонија е ставена на листата на рекордери во загуби на храна и отпад од храна, а истовремено се соочува со проблем да обезбеди доволно храна за ранливите социјални категории. Бројките се многу загрижувачки и покажуваат дека 460.000 жители во нашата држава немаат постојан пристап до храна, велат од Канцеларијата на Организацијата за храна и земјоделство на Обединетите нации (ФАО).

Во насока на решавање на овој проблем, денеска во Скопје претставници од релевантни институции, приватниот сектор, меѓународни организации и експерти беа дел од консултативна работилница за формулирање на стратегија за намалување на загубите и отпадот од храна во Република Северна Македонија. Работилницата е дел од регионалниот проект на ФАО за техничка соработка насловен „Стратегии за намалување на загуби и отпад од храна“ спроведуван во партнерство со Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ), Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) и граѓанската организација Ајде Македонија.

Република Северна Македонија заедно со Албанија, Ерменија и Молдавија е дел од овој регионален проект на ФАО, кој на национално ниво, им помага на земјите во развивање и спроведување на национални стратегии за намалување на загубите и отпадот од храна, прилагодени на специфичните потреби земјата и усогласени со релевантното законодавство, национални стратегии и политики за земјоделство, безбедност на храната, ублажување на климатските промени, итн.

„Република Северна Македонија и покрај својата социјална и економска ситуација, не се разликува во голема мера од развиените земји односно, и кај нас постои нагорен тренд во загуби на храна. Околу 30% од храната произведена или увезена во Северна Македонија никогаш не се консумира, бидејќи се расипува веднаш по берењето, во текот на транспортот, или како фрлена храна од големите трговски синџири и потрошувачите”, потенцираше министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Трајан Димковски, на отворањето на работилницата.

Според анализите на ФАО, само приватниот сектор може да ја намали загубата и отпадот од храна во значителен обем ако се направат потребните инвестиции. Според тоа, внесувањето на приватен капитал е клучно за реализирање на можностите кои се нудат доколку се спречат загубите и отпадот од храна. Поголемиот дел од потребните инвестиции треба да доаѓаат од приватниот сектор, бидејќи актерите во вредносните синџири (земјоделци, производители, индустрија, но исто така и потрошувачи) се воглавно приватни и би имале најголем мотив да инвестираат во решенија за загубата и отпадот од храна. Финансиските институции можат да играат централна улога во обезбедување финансиска поддршка во вредносните синџири за спроведување соодветни интервенции за намалување на загубите и отпадот од храна.

Националната стратегија треба да опфати и зголемување на свесноста за актерите во приватниот сектор за опциите кои нудат придобивки од намалување на загубите и фрлањето на храна, зајакнување на врските помеѓу финансиските институции, малите производители на храна и малите и средни претпријатија кои се соочуваат со ограничувања за зголемување на инвестициите во соодветни технологии во процесот на производство и дистрибуција на храна.

Треба да знаете
Последни објави