Search

(Репортажа) Македонец го прави најдобриот бурек во Нови Сад

Македонецот од Кичево, Томе Пејовски сред центар на Нови Сад повеќе од пет децении го прави и продава најдобриот бурек во градот. Фирмата пред еден месец прослави и 50 години постоење. Дека бурекот е најдобар, можеби и во цела Војводина не е само од зборување. Бурекот е наградуван, одликуван од пекарски здруженија, и за него се направени многу приказни како низ Србија, така и низ Европа. Томе ја наследил и надградил традицијата на својот татко Драгомир. И тоа на истото место во истиот дуќан од минатиот век, од далечната 1966 година. Сега дуќанот е надграден и дограден, проширен, со нови машини за производство. Растел како што растела работата, а на почетокот работеле само сега веќе појните татко и мајка на Томислав, а тој и сестра му помагале и го учеле занаетот. Сега се десетина вработени кои произведуваат по стотина пити дневно.

Не беше тешко да се најде каде е сместен дуќанот. Блиску е до Новосадскиот саем. Но и да ги немавме препораките од новосаѓани кои ни даваа упатства како да дојдеме до  „Бурек плус“ редиците пред дуќанот сведочат дека бурекот е најдобар. Надвор редица од дваесетина луѓе. Личи како да делат бурек за бадијала. Предност имаат постарите и мајките со деца. Сите се поместуваат за да можат да купат бурек. Муштериите, пак, кои работат подалеку, на пауза доаѓаат организирано на појадок. Веќе се знае кој што јаде и подготвен бурек ги чека во чинија. На пултот не пречекаа двете продавачки.

Побаравме четврт бурек, но не им беше јасно што сакаме. Но се разбравме некако. Ни објаснија дека овде бурекот се продава на грамови. Тепсиите се мерени и македонскиот четврт одговара на 330 грама. Но нивниот четврт е многу поголем, се прави во „плус сајз“ садови и затоа се вика и „бурек плус. Има со месо, со сирење, со печурки , пица бурек, но и погачици со чварки, кроасани, бели пецива. Цените за сечиј џеб, а менито за сечиј вкус. Бурекот е со повисока цена од кај нас, но и со неспоредлив квалитет.

 

Приказната за „бурек плус“ започнува пред скоро пет децении. Таткото на Томислав, Драгомир доаѓа од Кичево во Нови Сад, кај неговиот чичко, исто така бурекџија.

– Моите родители се по потекло од едно кичевско село Миокази. Дедо ми како и многумина од тоа време бил земјоделец и на тој начин се грижел за семејството. Во потрага по подобар живот, мојот татко заминал во големиот град. Занает имал, и од тогаш се почнува- вели Томислав.

На почетокот работеле татко му и мајка му.

– Било тешко секако. Странец во голем град, со продадени две до три пити дневно никој не можел да преживее. Но сепак квалитетот си го направил своето. За кратко време „бурек плус“ станал бренд во градот- вели Пејовски.

На прашањето која е тајната за големиот успех, Томислав вели македонскиот марифет и многу позитивна енергија.

– Сите знаеме како се прави бурек. Сол, вода, брашно и толку. Многу е тешко да го задржиш квалитетот бидејќи се зависи од житото.Задоволните муштерии ми се целта- вели Пејовски.

 

За него не смее да се случи да се смени нешто во рецептурата на тестото. Ниту пак во квалитетот на смесата.

– Муштериите се пребирливи. Во град како нашиот има над стотина пекарници, а луѓето се тие кои бираат каде ќе купат. Еднаш изгубена доверба тешко се враќа. Речиси никогаш. Не смее незадоволен муштерија да излезе од работилницата- вели Пејовски.

Од старата работилница освен името останата е и дрвената даска за бурек. Наследство од татко му. На неа освен спомени за едно време кога почнувале и си го барале местото под сонцето меѓу новосадските занетчии има траги од скоро сите вработени. Најмногу од татко му, кој за жал подолго време е починат.

– Многу ја сакаше Македонија. Постојано велеше дека пензионерксите денови ќе се врати да живее во родното Миокази. Купи куќа во Кичево, направи нова во родното место. Но не дочека да ужива. Трагично загина- со солзи во очите вели Томислав.

Во работилницата владее семајна атмосфера. Сопругата на Томислав, Милева е типична новосаѓанка. Дама во кујна. Кога е на работа не се разликува од вработените. Пече бурек, продава, се наоѓа насекаде каде што има потреба.

– Мажена сум за Македонец и многу сум среќна поради тоа. Можеби рецептот е македонски, но кога јас ќе вмешам прсти и со војвоѓански примеси сега е српско- македонска комбинација- на шега вели Милева.

На прашањето дали и третата генерација ќе ја продолжи семејната традиција, Пејовски велат дека ќе покаже времето.

Синот е тука со мене по цело време, но најмногу оди во набавка. Точно знае колку свинска маст ни е потребна, колку и од каде треба да купи месо, колку сирење. Веќе знае и да подготви тесто за пецива и бурек, но не прави ништо од тоа. Сега вработените го прават бурекот, но состојките се тајна- вели Пејовски.

Работно време скоро и да нема. Дуќанот продава бурек од пет наутро до пет попладне. Потоа продавачките си заминуваат, а доаѓаат мајсторите кои подготвуваат тесто за следниот ден. Редот полека се намалува, но еуфоријата допрва почнува.

– Гладен народ има секој ден. Ние сме тука за нив. Ако за едни доаѓа време за одмор, за нас допрва почнува денот. Од вечер се подготвува брашното и смесата, а тестото се меси на полноќ. Од три часот наутро почнува печењето- вели Пејовкси.

Како се буди градот, така се шири и мирисот на тазе измесениот и испечен бурек. Први муштерии се младите кои по бурната ноќ овде го завршуваат денот. Таксистите пак и полицајците овде го почнуваат денот. Наместо со крофни со „бурек плус“, погачици и  со по некој кроасан. Наместо кафе чаша јогурт. Следни се учениците. Кој за пред училиште, кој за време на голем одмор. А најбројни се сепак пензионерите. За себе, но и за внуците. Ја пренесуваат традицијата и ја раскажуваат приказната за тоа како македонски бурек се јаде во Србија. И тоа не било каков. Секако најдобар.

Валентина Ангеловска

Треба да знаете
Последни објави