Search

Реновиран објектот на ПС Кратово- обезбедуваме подобри услови за работа на полициските службеници

Денеска сме во посета на Полициската станица во Кратово, во објектот кој го реновиравме со цел да обезбедиме подобри услови за работа за полициските службеници, што е дел од програмата која ја спроведуваме во изминатите две години, а продолжуваме и во иднина, рече денеска министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски по посетата на ПС Кратово.

-Градежните и други работи за реновирање и санирање на објектот на ПС Кратово се целосно завршени, односно реализирана е уште една наша инвестиција вредна околу 3.800.000 денари, пари обезбедени од буџетот на министерството. И во наредниот период продолжуваме со подигање на севкупните стандарди и услови на работа на полицијата, а со тоа на нејзина поголема функционалност и ефикасност во секојдневното работење- рече министерот Спасовски.

Безбедносната состојба на подрачјето на ПС Кратово е стабилна и во текот на првата половина од годинава, споредбено со истиот период лани, бележиме намалување на сторени кривични дела, поточно намалување од 33,4 проценти, а имаме и намалување на прекршоците од областа на јавниот ред и мир. Од друга страна зголемена е ефикасноста на расчистени кривични дела во споредба со истиот период лани.

-Генерално може да констатираме дека на подрачјето на оваа полициска станица имаме стабилна состојба и искрено очекувам колегите да продолжат со овој тренд на работа- рече Спасовски.

Министерот Спасовски имаше средба и со градоначалникот на Кратово Љупчо Бојаџиев, на која разговараа за соработката меѓу полицијата и локалната самоуправа која е на високо ниво, а потоа заедно присуствуваа на седницата на локалниот совет за превенција.

-Постојаната и квалитетна соработка меѓу локалните власти и полицијата, е еден од оние основни предуслови, не само за партнерско делување во врска со низа заеднички интереси, туку и за постигнување ефективни резултати во личната безбедност и сигурноста на граѓаните, во одржувањето на јавниот ред и мир, во заштитата на материјалните добра. Од суштинска важност е функционирањето на Локалните совети за превенција, за навремена и квалитетна детекција на проблемите и приоритетите во рамки на локалната заедница, и носење соодветни решенија- рече Спасовски.

 

Треба да знаете
Последни објави