Search

Ременски:Телото за помирување може да бара и одговорност, не само амнестија

Состанокот на координативното тело за помирување и интеграција, кој требаше да се одржи вчера, се одложи за идната недела. Според информациите оттаму, на двете копретседателки кои ќе го водат телото, Фросина Ременски и Емилија Александрова им било потребно дополнително време за консултации со сите вклучени во процесот. Понеделник се исклучува како иден можен термин, со оглед на тоа дека за во понеделник веќе е закажана нова пленарна седница, а во четврток се одржува редовната за пратенички прашања, најверојатно вторник или среда би можело конечно да се одржи првата средба на ова новоформирано тело.

Првото прашање за кое јавноста очекува одговори од Телото за помирување е т.н. нов закон за амнестија , кој според најавите е во подготовка и за што претходно се тврдеше дека би можел да биде доставен како предлог до средината на декември, а ќе ги опфати сите учесници во инцидентите на 27 април, кои не извршиле насилство. Но, една од копретседателките, Ременски, за „Макфакс“ вели дека е рано да се говори за готово законско решение , бидејќи се уште немале ниту еден состанок и додава дека помирувањето е широк процес кој не може да се поврзува со поединци, партија или само со еден настан. Помирувањето, како што вели таа, не значи само амнестија, туку и одговорност.

„ВМРО-ДПМНЕ треба да ја преиспита одлуката да не учествува во Координативното тело за помирување, тоа е широк и обостран процес. Почитување на одлуките на телото и учество во креирањето на одлуките не е исто, бидејќи може да произлезат и препораки за кои треба одговорност. За мене и мојата пратеничка група многу е важно да не се наруши владеењето на правото како услов за ЕУ, имаме консултации и со експерти за ова“, вели Ременски.

Ременски додава дека на првиот состанок ќе биде утврдена методологијата за работа, а ќе се отворат и повеќе теми за меѓуетничките односи, за радикализацијата на младите, за одговорноста на организаторите на спортски настани, како и за говорот на омраза. Принципот на работа на телото ќе биде по пат на консензус. Во него членуваат 20-тина пратеници, претставници на сите парламентарни партии и независни пратеници, со исклучок на ВМРО-ДПМНЕ.

Од ВМРО-ДПМНЕ остануваат на ставот дека не сакаат да бидат дел од Телото за помирување, зашто според нив водело кон селективна правда. Тие предложија закон за целосна амнестија за 27 април, кој е точка на дневен ред на седницата во понеделник.

Треба да знаете
Последни објави