Search

Рекорден број на девојчиња жртви на трговија со луѓе

Најновиот извештај на Обединетите нации покажува дека сè повеќе девојчиња се жртви на трговија со луѓе, односно 23 отсто од сите жртви на светско ниво.

Глобалниот извештај за трговија со луѓе за 2018 година ги базира своите пронајдоци на податоци од 2016 година, кога бројката на девојчиња жртви на трговија со луѓе била за 21 отсто повисока отколку во 2014 година и за 10 отсто повисока од 2004.

Момчињата сочинуваат 7 отсто од жртвите, што е за еден отсто помалку отколку во 2014 година, но за 3 отсто повеќе отколку во 2004, кога ОН почна да собира податоци за трговијата со луѓе.

Сепак, од Обединетите нации појаснуваат дека ваквиот зголемен број можеби се должи на подобрата детекција на жртви на трговија со луѓе на глобално ниво.

Ангела Ме, која раководи со одделот за истражување и анализа на Канцеларијата за дрога и криминал на ОН, додава дека девојчињата и девојките најчесто се жртви на сексуална експлоатација, додека момчињата се користат за присилна физичка работа.

Извештајот на ОН се однесува на момчиња и девојчиња на возраст под 18 години. Во него, исто така, се нагласува и дека жените и девојчињата сочинуваат речиси три четвртини од вкупниот број жртви на трговија со луѓе и 94 отсто од сите жртви на сексуална експлоатација.

Во извештајот се додава и дека оружените конфликти во делови од Африка, Блискиот Исток и Азија можат да ги зголемат шансите за трговија со луѓе.

Треба да знаете
Последни објави