Search

Реконструирани училниците во „Јероним Де Рада” во кумановско Черкезе

Околу 530 ученици од основното училиште „Јероним Де Рада” од кумановското село Черкезе, следат настава во реконструирани училници, со променети внатрешни врати, прозорци, подови, со нов систем на парно греење. Реконструкцијата на училиштето се реализира со грант средства од ИПА проектот за подобрување на општинските услови, што го спроведува Министерството за финансии, со поддршка на Светска Банка и ЕУ. Вкупната вредност на реконструкцијата е 43.783 евра.

Министерот за финансии, Драган Тевдовски, амбасадорот на ЕУ во Македонија, Самуел Жбогар, директорот на Канцеларијата на Светска банка во Македонија, Марко Мантованели и градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски, денеска извршија обикола во реконструираните училници.

Министерот Тевдовски изјави дека со овој проект повеќе од 500 ученици имаат подобри услови за следење на наставата. Тој се заблагодари на надлежните за поддршката за реализација на овој проект.

-Денеска сме тука во кумановско, веќе наредната недела имаме отварање на училишна зграда во Брвеница. Важно е да се вложува во образованието, човечкиот капитал, бидејќи од овие деца ќе зависи и иднината на земјава и тие се најважни, рече Тевдовски.

Преку проектот за подобрување на општинските услуги, информираше министерот, изградени се и реконструирани 11 училишта и седум градинки.

-Ние како Влада имаме приоритет да вложуваме во образованието. Буџетот за образованието за следната година изнесува 27, 4 милијарди денари, што е за две милијарди повеќе од годинава, изјави министерот.

Тој додаде дека се зголемени инвестициите во овој сектор, потсети дека од септември платите на наставниците се зголемени за пет проценти, а во буџетот, информираше за следната година се предвидува ново зголемување од септемвриската плата за нови пет проценти.

Евроамабасадорот Жбогар, вели дека проектот има огромен ефект, иако сумата на пари можеби е помала во однос на милионите евра кои ЕУ ги вложува во земјава за други инфраструктурни проекти. Според студијата на УНИЦЕФ, рече Жбогар првите години во развојот на децата се најважни и затоа проектот е клучен за понатамошниот живот на учениците.

-Мислам дека со денешниот проект учениците ќе се чувствуваат подобро  во амбиент што им посакува добредојде, со што децата ќе се чуствуваат пријатно, имајќи предвид дека имаат подобри услови во однос на минатото. Со проектот што го реализиравме како ЕУ создаваме еднакви можности за учење на децата, изјави Жбогар.

Тој нагласи дека училиштето е енергетски ефикасно што придонесува за намалување на загадувањето. Амбасадорот Жбогар рече дека овој проект е дел од 15-те милиони евра што ЕУ и Светска Банка ги имплементираат во Македонија, инвестирајќи речиси во секоја општина со исклучок на Центар во Скопје, со што се овозможува намалување на регионалниот диспаритет во Македонија.

Директорот на Канцеларијата на Светска Банка, Марко Мантованели, вели дека овој проект е дел од посеопфатната работа што се спроведува во државава, заедно со Министерството за финансии.

-Задоволни сме што сме тука и со нетрпение очекуваме да продолжиме со поддршка во вложувањето за граѓаните на Македонија и за образованието, рече Мантованели.

Градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски се заблагодари на надлежните кои одвоија средства за реконструкција на училниците и на  учениците им овозможија да следат настава во подобрени услови, што ќе придонесе за поголем успех во наставата. Тој најави дека и општината ќе одвои средства за реконструкција на училиштата во руралните средини. И директорот на училиштето, Хакик  Јахиу се заблагодари за проектот и овозможените услови за квалитетно изведување на наставата.

Треба да знаете
Последни објави