Search

„Рекет”, „карактерни” особини, реакции

Секако дека нема да дозволам неколку криминалци, еден суетен новинар, и да ме извини ЛГБТ заедницата, еден педер да ја симнат оваа Влада од власт. Не. Ќе се бориме до крај затоа што секој кој се инволвирал секако ќе си носи одговорност”.

Оваа изјава на премиерот Зоран Заев што ја даде синоќа во Клубот на пратениците во коментар на очекувањата  и последиците од разврската на случајот „Рекет” предивика редица реакции од политички партии, регулаторното медиумско тело, новинарските здруженија и невладините организации, а беше проследена и со коментари на социјалните мрежи.

По првите реакции, Заев преку „Твитер” се извини на ЛГБТ заедницата и појасни дека зборот „педер” го употребил како карактерна особина, а не да означа сексуална припадност.

– ЛГБТИ заедницата ја има мојата голема почит. Затоа, пред да го употребам зборот „педер” упатив извинување. Тој збор го употребив за да дадам карактерна особина, а не да означам сексуална припадност. Извинување за ЛГБТИ луѓето. Ќе се борам за нивните права, како и досега, напиша Заев на „Твитер”

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ во соопштение побара одговорност и наведе дека најостро ги осудува навредите и заканите на Заев кон новинарите кои го обелодениле неговиот криминал, како и навредите врз основа на сексуалната определба. Според ВМРО-ДПМНЕ, премиерот е исплашен од медиумските написи дека  осомничениот Бојан Јовановски во „Рекет” има докази против него и ќе ги обелодени.

Владејачката СДСМ во реакција на ВМРО-ДПМНЕ  оцени дека опозициската партија е најмалку повикана да зборува за навреди и закани. Потенцираше дека ВМРО-ДПМНЕ 11 години премолчувала и директно промовирала насилство кон ЛГБТ заедницата и нејзини претставници и оти со таквото однесување продлжила и во опозиција.  ВМРО-ДПМНЕ се лицемерни и немаат право да зборуваат за дискриминација, наведоа од СДСМ.

Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, пак, побара премиерот да се воздржи од како што  оцени дискредитирање, етикетирање и дискриминирање.

Осудувајќи ја изјавата АВМУ посочи дека таа е проблематична најмалку по три основи. – Премиерот, како носител на јавна функција, наместо да ја прифати и да ја почитува улогата на новинарите како критичари на работата на власта се обидува да дискредитира новинар. Наместо да покаже највисоко ниво на почитување на различностите, тој употребува етикетирање кое што е дерогирачко за ЛГБТ-лицата. Заев во својата изјава исто така не ја почитува ниту пресумпцијата на невиност, укажа АВМУ.

Здружението на новинарите на Македонија, исто така, во реакција  ја осуди изјавата на Заев и повика тој да им се извини на новинарите. – Ваквиот агресивен говор кон новинарите од страна на претседателот на Владата може да поттикне насилство кон нашите колеги, а со тоа и дополнително да се загрози нивната безбедност и да се ограничи слободата на изразувањето, оцени ЗНМ, забележувајќи водно и дека „непримерниот говор во однос на припадниците на ЛГБТИ заедницата не доликува на сериозен политичар и носител на таква висока функција.

Со осуда и барање од премиерот да се извини излезе и Македонската асоцијација на новинари (МАН), од каде сметаат дека изјавата преставува директна закана кон медиумите и новинарите и формите на слободно изразување.

Треба да знаете
Последни објави