Search

Реакција на соопштението на Македонскиот дипломатски синдикат

По повод објавеното соопштение на Македонскиот дипломатски синдикат, Министерството за надворешни работи го изјавува следното:

Неосновани се причините за загриженост од објавувањето интерни конкурси за пополнување на испразнетите работни места во дипломатско-конзуларните претставништва на Република Северна Македонија во одреден број држави или меѓународни организации. Се работи за редовна ротација на дипломати кои, по истечениот период, се враќаат во Министерството од работа во ДКП и треба да бидат заменети со други, со цел оптимално функционирање на претставништвата. Очекуваме од членовите на новоформираниот Македонски дипломатски синдикат, кој брои околу 70 формални членови, како професионални дипломати да се свесни за овие редовни работни процеси во Министерството.

Ротацијата  ќе биде извршена, како и до сега, согласно одредбите на Законот за надворешни работи и Правилникот за упатување на дипломатите на работа во ДКП, со почитување на сите предвидени рокови и во транспарентна и конкурентна постапка, која ќе обезбеди еднакви услови за секој пријавен кандидат, а изборот ќе се изврши врз основа на утврдени критериуми со кои се валоризираат резултатите од работата. Како што му е познато на Синдикатот, во Правилникот за упатување од 2018 година, за прв пат е регулирана улогата на Синдикатот во оваа постапка, со овозможување истиот да биде вклучен со свој член во Комисијата за избор. Ваквиот начин на избор на кандидати за работа во ДКП се спроведува веќе во неколку изминати циклуси, во кои беше вклучен Синдикатот на македонската дипломатска служба, кој што е активен повеќе од две децении и брои 230 членови со уредно платена членарина. Овој нов Синдикат ќе ја има истата можност да се увери во настојувањата на Комисијата да бидат предложени и избрани најсоодветните кандидати за секое од испразнетите работни места во ДКП.

Индикативно е тоа што се најгласни тие што 11 години молчеа на бруталното прекршување на синдикалните права. И сега, кога во МНР има поголем акцент на професионализација од кога било, со 19 амбасадори кариерни дипломати, и ниту едно преземање и директно поставување на раководна позиција, под наводно залагање за истите вредности, практично се попречува нормалното функционирање на дипломатската мрежа.

Министерството и во оваа прилика ја реафирмира својата заложба  за квалитетна и професионална дипломатската служба, што е во интерес на државата.

Треба да знаете
Последни објави