Search

Реакција на Левица за воената вежба „Одлучен удар”

Од 15 мај до 25 јули, Република Македонија ќе биде домаќин на воената вежба во која ќе учествуваат 2000 американски војници. Војниците на АРМ ќе имаат прилика во живо да ги сведочат припремите на најзлосторничката армија во светот, а со нивното учество во вежбите ќе добијат шанса да им потпомогнат на САД во својот поход за бомбардирање и покорување на секој народ, кој одбива да им слугува на нивните интереси. „Одлучен удар“ е името на оваа вежба, која наводно е наменета за да се манифестира поддршка за зачленувањето на Републиката во НАТО и нејзиното комплетно потчинување на Западот.

За немилосрдноста на НАТО во своите походи за остварување на бизнис-интересите на светската владеачка елита, сведочат многубројните жртви во воените интервенции во Сирија, Либија, Југославија и др. Дополнително, видеото од убивањето ирачки цивили, заради кое е уапсен Асанж, е несоборлив доказ дека за озлогласениот воен сојуз бизнисот е над човековиот живот. За потчинувањето на Република Македонија, пак, доволно говори тоа што членот на Президиумот на Левица, Гораст Муратовски, заедно со уште неколку демонстранти, беше противправно лишен од слобода на мирен протест поради држење на банер со натписот „Против војните за профит“.

Ние остануваме доследни во нашите заложби за укинување на Преспанскиот Договор, чија што директна последица е влезот на Република Македонија во НАТО. Нас не ни требаат војни! Нас ни треба солидаризирање со сиот работен народ и соработка со сите држави во светот. Солидарност посебно со оние кои се репресирани од истите агресори кои и нас ни ја диктираат политиката и ни го негираат правото на самоопределување, за сплотено да ја отфрлиме нивната светска доминација.

 

Треба да знаете
Последни објави