Search

Реакција на Интер ресорската група за еднакви можности за говорот на омраза кон жени од јавниот и политичкиот живот

Покрај тоа што во изминатиот период, Интер ресорската група за еднакви можности на жените и мажите, испрати неколку соопштенија до институциите и до медиумите со кои остро реагираше на сексизмот и говорот на омраза кон жените од јавниот и политичкиот живот, за жал и понатаму, продолжуваат исмејувањата, навредите, омаловажувањата и деградирањето на жените, притоа алудирајќи на сексуалноста и прикажувајќи ги како објект на задоволување на сексуалните потреби на мажите.

Изразуваме сериозна загриженост за сексизамот насочен кон пратеничките Даниела Рангелова и Нола Исмајлоска Старова изразен преку социјалните медиумите и во јавноста.

Токму затоа, Интер ресорската група за еднакви можности на жените и мажите го донесе следниов заклучок со кои се бара надлежните итно да постапат:

– Обвинителство проактивно и по допрен глас да реагира на сексизмот и говорот на омраза;

– Министерство за внатрешни работи да спроведува ефикасни истраги за електронски криминал;

– Да се зајакнат капацитетите на Министерство за внатрешни работи и Обвинителството за да препознаваат и да прогонуваат говор на омраза (знаење и технички капацитети);

– Изработка на јасни упатства/протоколи/ насоки за постапување за случаи на говор на омраза и систем за прибирање на податоци;

– Измени на законите за медиуми преку поширока дебата со цел вклучување и на порталите во регулација бидејќи говорот на омраза тука најмногу се случува;

– Интерни политики и развој на капацитетите на политичките партии со цел превенција од говор на омраза и градење на внатрешни механизми за справување со говор на омраза;

– Итна ревизија на сите учебници од секој степен на образование, заради вметнување на позитивни содржини со соодветна репрезентација на жените, родово и сексуални различните и етничките малцинства, луѓето со попреченост и другите групи.

– Во согласност со член 18 од Законот за спречување и заштита од дискриминација, Собранието на Република Северна Македонија да избере Комисија за спречување и заштита од дискриминација.

Треба да знаете
Последни објави