Search

Рахиќ: Хашкото одделение не е тоа што било, потребна е реконструкција на затворот

Условите во т.н. хашко одделение се далеку од називот кој им е даден, а кој алудира на некаква поголема комоција за притворениците, но сепак се подобри од останатите делови на Затворот Скопје, познат како Шутка, каде се наоѓа најголемото притворско одделение во Северна Македонија.

Ова за МИА го изјави директорот на затворот Есад Рахиќ, кој ни ја потврди веќе објавената информација дека првоосомничениот Бојан Јовановски, познат како Боки 13 во случајот „Рекет” е сместен во една од хашките соби.

Рахиќ појаснува дека Јовановски пристигнал околу 1:30 часот изутрината на 16 јули по полноќ, било потребна брза реакција, направена е проценка од затворската управа и од безбедносни причини, имајќи го предвид профилот на личноста, било одлучено тој да биде сместен во една од „хашките соби”.

Има вкупно седум „хашки соби”, а во моментот на пристигнување на Јовановски три биле слободни. Второосомничениот во „Рекет” Зоран Милески е сместен во друго одделение, а тоа исто така е проценка на командирите, заради безбедност на притворените, но и општо заради целокупна безбедност на затворот. Со Кичеец, Јовановски не може да биде во исто одделение заради поврзаност со делото.

Кога доаѓа, притвореник во затворот, како што појасни Рахиќ за МИА,  тој се сместува со друг притвореник, не е пракса да биде сместен сам.

Рахиќ нагласува дека извикана е тезата во јавноста дека станува збор за луксузно сместување.

-Собите се руинирани и потребна е реконструкција, нагласува Рахиќ и додава дека доколку надвор температурата е 40 степени во „хашките соби” може да достигне до 40, поради тоа што немаат добра изолација.

Рахиќ во изјава за МИА вели потребна е реконструкција на неколку крила на затворот, во која не е исклучено и хашкото одделение, а се надева дека важноста од овој потфат ќе ја препознаат општествено одговорните компании.

Триесет нови вработувања најави Рахиќ, но и професионализација на целиот кадар, бидејќи како што рече условите во затворите во земјава мора под итно да се кренат на повисоко ниво.

Затворот Скопје, познат како Шутка според степенот на обезбедување, степенот на ограничување на слободата и видовите на третман што се применуваат кон осудените лица, Затворот Скопје е казнено-поправна установа од полуотворен вид во која основното обезбедување е физичкото што го остваруваат припадниците на секторот за обезбедување.

Казната тука ја издржуваат мажи осудени на казна затвор до три години, како и рецидивисти осудени со правосилна пресуда до шест месеци. Во Затворот Скопје се наоѓа најголемото и најобезбеденото притворско одделение во кое се извршува мерката притвор изречена кон машки и женски лица од целата територија на земјава, на кои им се заканува казна над десет години.  

Најалармантна е состојбата во озлогласеното притворско „В” одделение, или меѓу затворската полиција попознато како „Ц”.

МИА

Треба да знаете
Последни објави