Search

Расте напнатоста поради запленетиот танкер, британски министер го предупреди Иран

Британскиот министер за надворешни работи, Џереми Хант, денеска изјави дека инцидентот со нафтениот танкер во Ормускиот проток може да биде знак дека Иран тргнал по опасен пат на нелегално и дестабилизирачко однесување, објави Би-би-си.

Откако иранската револуционерна гарда објави дека го запленила британскиот танкер „Стена Имперо“, а компанијата сопственик на танкерот соопшти дека не може да ги контактира членовите на екипажот, реагираа повеќе европски земји, но и САД.

Танкерот „Стена Имперо“ во петокот бил опкружен со четири пловила и хеликоптер на Иранската револуционерна гарда.

Британскиот министер за надворешни работи, Хант, рече дека слободата на пловење не смее да биде загрозена и предупреди на сериозни последици доколку ситуацијата не се реши брзо.

„Не разгледуваме воени опции, на размислуваме за дипломатски начини за решавање на ситуацијата“, рече Хант.

Иранската државна агенција ИРНА претходно објави дека танкерот бил запленет по судир со рибарски брод, односно дека истиот пловел во погрешна насока. Новинската агенција „Фарс“, цитирајќи официјални извори, објави дека танкерот учествувал во несреќа со ирански рибарски брод и ги игнорирал нивните повици за помош.

Сопствениците на танкерот тврдат дека бродот пловел во согласност со сите меѓународни правила и дека веќе бил во меѓународни води кога бил опкружен.

Меѓу 23. членови на екипажот, кои се државјани на Индија, Русија, Летонија и Филипини, наводно, нема повредени.

Треба да знаете
Последни објави