Search

Расте бројот на загинати во ерупцијата на вулканот на Нов Зеланд

Новозеландската полиција денеска соопшти дека едно лице кое било повредено во ерупцијата на вулканот на белиот остров, починало во болницата во Окланд, со што бројот на загинати се зголеми на шестмина.

Околу 30 лица се уште се во болница и многу од нив се со сериозни изгореници. За време на ерупцијата на островот имало 47 луѓе.

Осум лица се уште се водат како исчезнати, додека нестабилните услови на островот го отежнуваат пребарувањето.

Авионите повеќепати прелетале над островот и во ниту еден момент не биле забележани знаци на живот, изјави премиерката Џасинда Ардерн.

Расел Кларк, болничар на одделот за интензивна нега, рече дека ерупцијата изгледала како нуклеарна катастрофа во Чернобил, само што се било покриено со пепел.

Ардерн рече дека меѓу повредените има жители на Нов Зеланд, и туристи од Австралија, САД, Велика Британија, Кина и Малезија.

Новозеландската агенција за сеизмичко следење Геонет на 18 ноември го подигна нивото на предупредување за вулканот од еден на два на скала од пет, бидејќи  забележа зголемување на сулфур диоксидот кој потекнува од магмата длабоко во вулканот.

Вчера по ерупцијата, нивото на тревога беше подигнато на четири, но потоа беше намалено на три, бидејќи активностите се намалија.

Ардерн изјави дека Белиот остров е многу непредвидлив вулкан и оти ќе се разговара за тоа дали туристите треба да го посетуваат, но дека сега фокусот е на луѓето погодени од последната ерупција. 

Треба да знаете
Последни објави